Тие добро го познавале селото. Додека се одвивал масакрот, полицијата си заминала. Напомош дошла војската, и тоа на неколку часа утрото, но си заминала пред самрак, оставајќи ги напаѓачите да се вратат и следната вечер да го запалат селото и најверојатно да го украдат она што останало од златото.
На крај, според проценките на локални полициски извори и други функционери, биле убиени некаде меѓу 170 и 200 луѓе, и натаму останува нејасно кои се убијците, пренесува Си-ен-ен.
Убиствата набрзо избледеа од меѓународните насловни страници, апсорбирани во ритамот на постојано насилство во регионот Сахел, сушен дел од земјата во сендвич меѓу пустината Сахара и африканската савана и погоден од климатска вонредна состојба.
Во оддалечените заедници во Сахел џихадистите имаат сѐ поголема власт. Сепак, еден веројатен виновник за овој напад, локалниот огранок на Ал каеда, ЈНИМ, ја осуди бруталноста на нападот. Другиот главен осомничен, ИСИС, одлучи за тоа да ја обвини Ал каеда.
Десетиците интервјуа на Си-ен-ен со преживеаните, локалните сведоци и функционерите на Буркина Фасо ја прикажуваат најцелосната и највознемирувачка приказна за 48-часовното дивеење, делумно од деца, што војската на Буркина Фасо не можела да го спречи.
Сепак, малкумина официјални лица или сведоци се согласуваат за мотивот за нападот. Дали децата-напаѓачи биле испратени по златото на Солхан, како валута за своите исламистички господари? Дали тоа било казнено убиство за локалните власти нарачано од џихадистите?
И покрај поддршката од ЕУ и Пентагон, насилството во Буркина Фасо скокна во последните години. Кризата во оваа земја претставува закана. Американските власти опишаа дека „шумскиот пожар на тероризмот“ дивее во Сахел, при што Ал каеда и ИСИС маршираат во Западна Африка за да изградат нов калифат.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=rc8BjVOxePk autoplay:0]Нелегалното злато се појави како клучен извор на финансирање на џихадистичките групи што ги зазедоа таканаречените „неформални рудници“. Бачир Исмаел Уедраого, министер за енергија и рудници на Буркина Фасо, изјави за Си-ен-ен дека земјата изгубила 20 тони злато преку неформално ископување и извоз во вредност од околу 1 милијарда долари секоја година на отворениот пазар.
Прва ноќ: масакр
Заробено во сушните рамнини на околу 400 километри североисточно од главниот град Уагадугу, златото на Солхан е единствениот имот на селото и негово проклетство. Сателитските снимки од селото ги покажуваат штетите предизвикани од неформалното рударење. Милицијата, поддржана од локалната власт, обезбедува одредена сигурност. Но ноќта на 4 јуни Солхан останал без одбрана.
Повеќе од 100 џихадисти биле видени на мотоцикли тоа попладне, на околу 20 километри од Солхан. Армијата била предупредена за можен напад. Се чини дека златото ги одредило приоритетите на напаѓачите. Први биле погодени рудниците во Мусига, мала населба источно од Солхан. Многумина од преживеаните, сведоците и функционерите побараа анонимност заради сопствената безбедност.
„Лицата им беа покриени со шалови. Многумина беа на велосипеди и почнаа да пукаат. Почнав да трчам за да се спасам – 30 километри, цела ноќ, на сигурно“, изјави рудар што рече дека во таа група не видел деца, а и други двајца службеници негираа вмешаност на деца.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=kRKVK3QY4-4 autoplay:0]Рударите од Солхан погрешно го протолкувале далечното пукање од Мусига, за кое мислеле дека војската доаѓа до рутинска патрола. Првите истрели во Солхан биле во близина на рудникот.
„Копачите на злато беа првите што беа нападнати од заседа, тие беа случајно убиени“, изјави полициски извор додека ја опишува ужасната сцена. Еден рудар вели дека некои жртви биле убиени додека спиеле надвор, а други биле заклани додека работеле, заробени под земја.
Друг рудар рече: „Луѓето почнаа да излегуваат од јамите и да бегаат за да си ги спасат животите“. Некои сведоци на нападот и официјални лица рекоа дека напаѓачите сигурно имале детални информации за распоредот на Солхан.
Напаѓачите си заминале взори, а еден сведок изјавил дека луѓето од селото почнале да излегуваат надвор околу пет часот наутро.
„Не можев да избројам колку трупови имаше покрај патот“, се сеќава тој. „Каде и да отидевте, наоколу лежеа тела.“
[video:https://www.youtube.com/watch?v=hd0q2asNKzg autoplay:0]Потоа пристигнала и војската. „Ова е Буркина Фасо. Брз одговор нема. Да знаеја напаѓачите дека војската ќе стигне за 30 или 40 минути, немаше да нападнат“, вели еден рудар.
Кога пристигнала војската, не останало ништо друго освен да се погребат мртвите. „Тие ископаа голема дупка. Друго решение немаше“, рече тој.
Втора ноќ: уништување
Напаѓачите се вратиле следната вечер. Сведоците велат дека сега сакале да запалат и ограбат сѐ што останало.
„Почнаа да палат. Влегоа во куќите. Во продавниците земаа облека, пијалаци, пари и ги ставаа во возилата“.
Еден преживеан вели дека сè им било изгорено и дека им зеле ориз, шеќер и кутии со други работи.
Претставник на рударите рече дека во насилството биле заклани и 80 овци. Младите мажи што го преживеале нападот барале лекови за психолошката траума.
„Им даваа апчиња или инјекции затоа што рекоа дека не можат да ги затворат очите затоа што сè уште гледаат трупови.“
Биле запалени продавници и куќи, се урнале редици згради, а останале само портите. На земја лежеле чаури. Обемот на насилството изненади некои официјални лица.
Тешка ситуација
Приказот на насилството уште еднаш го истакна брзото влошување на социјалните структури и безбедноста во регионот Сахел.
Еден американски функционер рече дека кризата е поттикната од локалното партнерство меѓу џихадистите, а не од приливот на борци на ИСИС по распадот на поранешниот калифат на ИСИС во Ирак и Сирија.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=sYht1Lc6GBI autoplay:0]Во Буркина Фасо и нејзините соседи, вооружените исламистички групи убиле повеќе од 800 цивили во напади само во 2021 година, според Хјуман рајтс воч.
Значителни делови од нестабилниот север на Буркина Фасо остануваат надвор од владината контрола. Продолжените злоупотреби од страна на војската, исто така, го комплицираа нејзиниот однос со клучните држави за воена поддршка, Франција и Соединетите Држави.
Со тешкотии се соочуваат и организациите за човекови права.






