Тој во интервју за Дојче веле истакна дека Меркел паметно го препознала Балканот како „буре барут на европскиот поредок“ и дека за него треба паметно да се грижи.
„Во последните две години, и тоа со релативно мали бројки бегалци, со сите тие бегалски кампови во Морија и на други места, видовме дека се доволни само неколку илјади бегалци за тие земји да ги доведат на работ на нивните можности. Да замислиме само Меркел да ги затвореше германските граници, Австрија да ги затвореше своите граници, а потоа и Унгарците“, кажа политикологот.
„Тоа значи дека на југоистокот, од Унгарија, Хрватска, БиХ, па сè таму до Егејското Море би се нашле половина милион, можеби и повеќе луѓе. Во таа ситуација комплицираната етничко-конфесионална рамнотежа која постои во тие краишта, а станува збор за простори на кои претходно се водеа војните поврзани со распадот на Југославија, до таа мера ќе се распаднеше што ќе мораше да се смета на опцијата повторно да дојде до големи конфликти на насилство. Кој знае како во тој случај би се развивала спиралата на насилството“, смета Минклер.
Тој додава дека Меркел тогаш го повлекла вистинскиот потег.
„И кога ќе се ставиме во кожата на еден рационален политичар, или како што тоа Меркел го кажа дека нештата мора да се гледаат од нивна страна, во таа ситуација беше сосема разбирливо да каже дека тие луѓе подобро да се пуштат во Германија, каде што тие и сакаа. Односно да не се инсистираше на безусловна примена на Даблинскиот договор, за да се спречи Балканот, кој уште претходно беше буре барут на европскиот поредок, да заврши повторно во неред“, објасни Минклер.
Според него, посебното внимание посветено на Балканот ќе остане нешто што до крајот ја следело политиката на Ангела Меркел.
„Балканот како шуплив југоисточен блок на Европа, како фактор кој ја загрозува стабилноста на Европа, како регион за кој Европејците мора да се грижат, но на паметен начин, тоа е она што ја следеше политиката на Ангела Меркел до самиот крај. И затоа мислам дека тоа сигурно одигра важна улога во донесувањето на одлуката за тоа територијата на Германија да се искористи како своевиден базен за алоцирање на проблемот кој на Балканот би можел да има опасни последици“, заклучи германскиот политиколог.






