Албанските брегови се под најголемо влијание на ерозијата во Европа. Експертите велат дека причина за тоа се климатските промени и неконтролираната урбанизација.
Кај устието на реката Семан во Јадранското Море, во централна Албанија, потопени се многу бункери изградени за време на владеењето на диктаторот Енвер Хоџа во случај на американска инвазија.
Истата судбина ги снашла и полициската станица, спортски терен и нафтена бушотина.
На плажите можат да се видат искршени стебла, а урнатите покриви на куќите зборуваат за немоќта на жителите да се борат против морето кое непрекинато напредува кон внатрешноста.
„Бункерите се направени да издржат речиси сè, но ја изгубија својата единствена битка – со морето“, вели за Франс прес 80-годишниот Илир Зани.
Локалното население тврди дека за само три децении во оваа област Јадранското Море голтнало 800 метри од брегот.
Измир Мерница, жител на село покрај устието на Семан, се плаши дека неговата кафеана би можеа да биде следна. „Загрижени сме поради морето кое голта сè пред себе“, вели тој покажувајќи на кула за наводнување која штрчи од морето.
Во 2009 година властите со тенкови од морето извлекле седум потопени бункери. Поради струењето на морето околу бункерите се создале вирови, поради кои капачи би можеле да се удават.
Десетина години подоцна бункерите се повторно под вода. „Морето си ги зема назад“, вели Мерница.
Според експертите за климатски промени на Програмата на Обединетите нации за развој (УНДП), околу третина од албанскиот брег долг 427 километри е под влијание на ерозија, а годишно страдаат метар до два од брегот.
Абдула Дику, експерт за заштита на средината, вели дека на Албанија поради растот на нивото на морето годишно ѝ снемува околу 27 тони тло по хектар земја, што е околу 11 пати повеќе од европскиот просек.
Влаш Моци од селото Черета сè уште го одржува бункерот во кој некогаш се чувало оружје за противвоздушна одбрана, а сега во него се наоѓа кафуле кое привлекува странски туристи.
64-годишниот Моци е загрижен дека растот на нивото на морето може да биде погубен за неговото работење, бидејќи соседниот бледозелен бункер кој личи на летечка чинија веќе е до пола под вода. „Се плашиме дека брановите еден ден ќе нè голтнат. Ситуацијата е страшна“, вели тој за АФП.
Сопствениците на вили и хотели во Черет против морето се борат со изградба на нелегални потпорни ѕидови. Но експертите тврдат дека таквите мерки само ќе ја влошат ситуацијата.
„Таквите поединечни решенија им штетат на биодиверзитетот и морскиот екосистем“, предупредува Мирела Камбери, експертка на УНДП. Решение на овој проблем засега нема, бидејќи ништо не се презема да се спречи растот на нивото на морето.
Експертите предвидуваат дека нивото на морето во Албанија до 2100 година поради климатските промени ќе се зголеми за од 40 до 105 сантиметри.
На проблемот придонесуваат и расчистувањето на шумите, нерегулираното вадење песок од реките кое ги забрзува нивните текови и неконтролираната урбанизација долж брегот. Сето тоа ги оштетило природните начини на одбрана на таа област.
„Проблемот е во тоа што за потребите на градбата се исечени речиси сите стебла на ела, што им наштети на природните системи“, вели 66-годишниот Бесник Зара.
Во горите околу Тирана видливи се последиците на ерозијата која ја оштетува и внатрешноста на земјата. Причина за тоа се сечењето на шумите и реките кои се влеваат во блиското вештачко езеро.
Езерото кое го снабдува главниот град со вода за пиење веќе може да се смета за жариште на ерозијата, вели Дику. За да се носат со проблемот, властите во 2016 година забранија сечење стебла во таа област.
Тие се обврзаа и дека ќе ги исполнат ветувањата дадени на Конференциите на ОН за климатските промени во Париз и Глазгов и почнаа да носат нови закони.
„Криминалот против животната средина ќе се третира според кривичниот закон како злосторства против човештвото, имотот или ќе бидат изедначени со организираниот криминал“, предупреди министерот за внатрешни работи Блед Цуци.






