Германија има четири пати повеќе кревети на одделите за интензивна нега од Британија, шест пати повеќе од Шведска и двојно повеќе од Франција. Сепак, во Германија се плашат од преполни единици за интензивна нега, па дури и можноста дека ќе мора да се воведе тријажа, односно дека лекарите ќе мора да одлучуваат кого има смисла да се лекува, а кого не.
За таквата ситуација постојат повеќе причини, укажува лекарот Рајнхард Бусе, професор на Техничкиот универзитет Берлин и член на Стручниот советодавен одбор на германското сојузно министерство за здравство.
„Едната е таа што, во споредба со други земји, во Германија повеќето пациенти заболени од корона завршуваат на одделите за интензивна нега – околу три пати повеќе отколку на пример во Холандија или Данска, а дури четири пати повеќе отколку во Британија“.
Тоа се случува затоа што бројот на вработените на одделите за интензивна нега во Германија се поголеми отколку на други оддели, објаснува Бусе за весникот Велт. „Данска тоа го прави поинаку. За секој кревет на нормален оддел таа ангажира речиси ист број медицински персонал како и на германска единица за интензивна нега. Тоа не значи дека Данците имаат повеќе медицински персонал, туку само дека има помалку непотребни кревети“.
Болниците во загуби
Притоа дури 60 отсто од болниците во Германија сметаат дека ќе бидат во финансиски минус за 2021 година, покажува „Болничкиот барометар“, кој редовно го објавува Германското здружение на болници. Како што се наведува, со тоа во однос на минатата година се удвојува бројот на клиники кои се во загуба.
Секоја втора болница има помалку пациенти од претходната година. Како што пренесува Редакциската мрежа на Германија (РНД), причината за тоа е откажувањето на операциите и зафатите за да се зачуваат капацитетите на ковид одделите. Се додава дека многу пациенти го одложуваат заминувањето на терапии или операции од страв од зараза.
Како што наведува Здружението на болници, состојбата е најлоша од 2000 година. Само 11 отсто од болниците во моментов ја оценуваат финансиската ситуација како добра. За следната едвај 22 отсто очекуваат подобрување.
„Златна доба“ за болниците?
„На германските болници им е во интерес да бидат полни, а тоа важи и за единиците на интензивна нега“, вели Бусе. Тој смета дека последните година и пол за болниците „биле златни“, бидејќи многу од нив заработиле повеќе пари од паушалните надомести и дополнителните кревети на интензивна нега отколку што тоа би било можно во нормална работа.
„Станува збор за 14,5 милијарди евра за година и пол кои само од даночните приходи се слеале во болниците. А тука се и редовните средства од задолжителното здравствено осигурување“, истакнува д-р Бусе.
Тој укажува дека половина од пациентите кои се лекуваат во болниците во Германија доаѓаат таму без прием, најчесто од итна помош. „Веројатноста дека болницата ќе го задржи таквиот пациент на лекување е речиси 50 отсто, што во споредба со други земји е неверојатно многу. Обично тој процент е двојно помал, околу 25 отсто“.
Освен тоа, додава Бусе, на германските оддели за интензивна нега има тешко болни луѓе кои имаат многу мали шанси за преживување, дури и со употреба на најсовремената опрема. „Прво што треба да направиме по пандемијата е да утврдиме кој сè се лекува на одделите за интензивна нега. Мораме да се прашаме што ние таму правиме“.
Недостиг од персонал или вишок пациенти?
Германското здружение на болници особено укажува на проблемот со недостиг од персонал. Четири петтини од клиниките наведуваат дека имаат тешкотии да најдат медицински сестри и техничари за обичните оддели и одделите за интензивна нега. Низ Германија има 22.300 испразнети работни места за негуватели.
Бројот на непополнети места тројно се зголемил во последните пет години. „Недостигот од персонал е најитниот проблем на здравствената политика“, вели претседателот на Здружението Гералд Гас.
Бусе има поинакво мислење. „Немаме премалку персонал, имаме премногу пациенти. Во просек пред короната во болниците во Германија секој ден имаше по 380.000, а во моментов ги има само околу 325.000. Да имавме структура како Данска, пред короната ќе ги имаше 160.000, односно помалку од половина. Тоа значи дека во Германија би имале двојно повеќе медицински персонал по пациент“.
„Ако го прашате раководството, тие би ви кажале: ни требаат толку болници бидејќи имаме толку пациенти. Јас мислам поинаку: имаме толку пациенти бидејќи имаме толку болници. Тоа е како прашањето што е постаро, кокошката или јајцето“, заклучува Бусе.






