Една од главните алки во победата на Вардар над Алборг, беше Борко Ристовски, но Вујовиќ нема да може утре да смета на него.
„Одиме на некој начин комплетни, со тоа што ни недостасува Борко, тој утрово пријави мачнина, повраќање и затоа наместо него доаѓа Али Сафар“, открива Вујовиќ.
„Сигурно ќе биде различен натпревар од овој во Скопје. Тогаш ние се трудевме да не влеземе во нивниот ритам, да не трчаме многу и во тоа успеавме. Крајниот резултат е показател за тоа. Тие сигурно нема да ги повторат грешките, ќе трчаат повеќе, многу се посилни во тој дел од играта од нас, во контра-напади. Малку сме загрижени по натпреварот со Монпелје, некако очекувањата на јавноста, а и нашите лични беа многу поголеми. Тоа покажа дека во Европа се игра исклучително добар ракомет, дека нема лесни противници и дека Вардар мора да направи уште многу работи за да може да игра рамноправно со најсилните екипи од Европа“.
„Од наша страна, некое изненадување во играта единствено би можела да биде некоја комбинирана и подлабока одбрана, која би го забавила тоа нивно движење. Ќе мора да трчаме многу и да ги спречиме да постигнуваат лесни голови, бидејќи тоа им е најсилната страна во играта. Колку ќе успееме во тоа ќе видиме. Сигурно не одиме со бело знаме. Кога Мешков Брест можеше да биде во егал до крајот, зошто да не можеме и Вардар, мора да веруваме во себе. Еден добар натпревар сигурно би бил добар импулс за важниот меч со Кил, кој потоа нè очекува во Скопје. Ние сме засега задоволни со ова бодовно салдо, но тоа не значи дека ќе застанеме“.
Натпреварот меѓу Алборг и Вардар се игра утре (среда) со почеток од 18:45 часот.






