Во фазата по групи ја победивме Полска, но немавме сила тоа да го направиме и во финалето. Полјаците го возвратија ударот по поразот во фазата по групи и покажаа дека знаат да ја надиграат Македонија, предводени од своот голман Позњак, кој беше прогласен за играч на натпреварот со 14 интервенции.
На паузата резултатот беше 17-17 и уште во почетните минути од вториот дел Полска се погрижи да направи разлика. Од 37. до 42. минута, Македонија не постигна гол, а противникот направи серија од 4-0, со која дојде до 24-19. Дури и откако се поправи играта и почнавме да ги реализираме шансите не успеавме да се вратиме во комбинација за победа и само намаливме на поподнослив пораз.
Претходно, во првиот дел и двете репрезентации прикажаа дека знаат да играат модерен ракомет, практикувајќи брз центар, комбинаторики во акциите и закана од секоја позиција. Најповолен период за Македонија беа минутите околу 20-тата, кога направи серија од 3-0 и поведе со 14-12, сепак кога се огласи сирената за одмор резултатот беше 17-17.
Со седум гола најефикасен кај Македонија беше Марко Митев, по пет постигнаа Петар Атанасијевиќ, Александар Петковски и Божидар Илиески.






