среда, 8 јули 2026

За Јотова случаите со нерегистрацијата на „ОМО Илинден“ е техничко прашање

Се работи за технички барања со политички толкувања во предметите „ОМО Илинден против Бугарија“, кои со години се следат во рамки на Советот на Европа поради прашањето за регистрација на здруженија, смета бугарската потпретседателка Илијана Јотова која за ова разговарала со претставници на Советот на Европа и на Европскиот суд за човекови права. Таа очекува да заврши мониторингот над Бугарија за извршување на пресудите. Според неа, Софија веќе презела законски, институционални и практични мерки за олеснување на процесот за регистрација на здруженија.

Објавено на

часот

Сподели

„Неприфатливо е да се поврзуваат технички барања со политички толкувања“, ја пренесуваат бугарските медиуми изјавата на Јотова.

Предметите „ОМО Илинден против Бугарија“ се однесуваат на повеќегодишните одбивања на бугарските институции да регистрираат здруженија поврзани со Македонците во Бугарија. Европскиот суд за човекови права во повеќе случаи утврдувал повреди на правото на здружување, а Комитетот на министри на Советот на Европа го следи извршувањето на тие пресуди.

Софија тврди дека проблемот е административен и правен, а не политички. Бугарските власти со години инсистираат дека регистрацијата на здруженија мора да се движи во рамки на домашното законодавство и дека не станува збор за признавање малцински статус. Од друга страна, македонските организации и дел од меѓународните набљудувачи предупредуваат дека токму повторените одбивања за регистрација покажуваат системски проблем со правото на здружување.

Бугарија сака да се прекине мониторингот и тоа за нив би било потврда дека институциите направиле доволно за да ги исполнат барањата на Европскиот суд за човекови права. За Македонците од Бугарија останува отворено прашањето дали измените навистина ќе овозможат практична регистрација или ќе останат само формално исполнување на европските препораки. За нив ова прашање е прашање на слобода на здружување и признавање на реално постоечки граѓански права, а не техничко прашање.

Стојко Стојков од ОМО „Илинден Пирин“ во  изјава за ТВ Канал 5 вели дека Комитетот на министри мора да покаже и изврши одреден притисок во насока дека се преземени чекори во однос на пресудите за македонските здруженија во Бугарја, но во пракса за Софија тоа не мора да значи ништо. „Основна цел на Бугарија е да го затвори надзорот на Комитетот на министри за извршување на пресудите. Сите овие организации и сите овие случаи и пресуди, кои се однесуваат на тоа што организацииите не можат да се регистрираат, практично да бидат прогласени за извршени, без притоа ниту една од организациите да не биде регистрирана.
Тоа е она што Бугарија се обидува да го направи подолг временски период. Вистинската причина за нерегистрацијата е многу јасна, како што очигледно наведува и Комитетот на министри – тоа е маргинализација на Македонците“, вели
Стојков.
И покрај најмалку 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права, Официјална Софија сѐ уште не овозможила регистрација на ОМО Илинден–Пирин, поради што случајот останува под надзор на Советот на Европа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ