Формула 1 следната сезона ќе биде со еден шампион помалку, Кими Раиконен денеска ја извозе последната трка. 42 годишниот Финец оди во пензија, и во иднина на раат ќе може да ужива во некоја чашка алкохол, иако веројатно и до сега го правеше тоа.
Денешната трка во Абу Даби беше 349-тиот старт за популарниот „Ајсмен“, кој може да се пофали со 21 победа и 103 подиуми. Најголемиот успех го доживеа во 2007 година, кога со болидот на Ферари стигна до шампионскиот наслов.
Неговиот тим Алфа Ромеу му кажа збогум со шега, покрај бројот 7 пишуваше: „Драг Кими, ќе те оставиме на мира“.
Оваа порака е поврзана со фамозната комуникација на Кими Раиконен на трката во Абу Даби во 2012 година. Финецот тогаш во болидот на Лотус беше во водство, инженерот се обиде да му даде совет преку радио врската, но наместо соодветен фидбек, како одговори доби: „Остави ме на мира, знам што правам“.






