Во спринтерски финиш Аксел Ремон успеа прв да ја мине целта на Охридскиот маратон, второпласираниот Едоардо Стокино имаше само една секунда заостанување, а нашиот Евгениј Поп Ацев само три секунди полошо време од победникот.
„Задоволен сум иако бев блиску до првото место. Третото место е успех за мене во вака силна конкуренција. Ова беше интересна трка, се боревме до самиот крај, одлучуваа секунди во завршниот спринт. Победи најдобриот, Аксел е светски шампион на 25 километри, актуелен европски шампион, беше фаворит тука и победи“, изјави Поп Ацев по трката.
Французите се радуваа и на победа во женска конкуренција, Осеан Касињол беше прва.
На крајот претседателот Стево Пендаровски ги поздрави победниците и им ги подели медалите.






