Темелното џвакање храна може да донесе широк спектар на здравствени придобивки – од подобро варење и намалено внесување на калории, до ублажување на стресот и анксиозноста, како и подобрување на когнитивните функции, зајакнување на меморијата и зголемување на распонот на внимание.
Со оглед на тоа дека постои врска помеѓу здравјето на забите, Алцхајмеровата болест и деменцијата, експертите велат дека подобрувањето на здравјето на забите би можело да помогне во забавување на процесот на ментално стареење, пренесува британскиот јавен сервис Би-би-си.
На основно ниво, џвакањето ја разградува храната на помали честички. Покрај тоа, го зголемува количеството на дигестивни ензими како што е амилаза, кои помагаат во разградувањето на храната, но исто така ги стимулира цревата и панкреасот да лачат сокови кои дополнително учествуваат во варењето.
Разградувањето на храната на помали парчиња ја зголемува нејзината површина, што им овозможува на дигестивните сокови да работат поефикасно. Ова е важно за здравјето на цревата, бидејќи поголемите честички имаат тенденција да останат во дигестивниот тракт подолго, давајќи им на микроорганизмите повеќе време за ферментација. Исто така, џвакањето помага во ослободувањето на хранливите материи од храната, што ја подобрува нивната апсорпција во телото.
Невронаучникот Абхишек Кумар истакна дека џвакањето игра важна улога во одржувањето на здравјето на мозокот, особено за време на стареењето. Исто така, губењето на забите е поврзано со зголемен ризик од Алцхајмерова болест и деменција.
Други научници теоретизираат дека џвакањето делува како пумпа што го поттикнува протокот на крв во мозокот, со што ја одржува неговата функција. Истражувачите, исто така, укажуваат на сложени невронски врски помеѓу апаратот за џвакање и хипокампусот – делот од мозокот одговорен за просторно учење и формирање на нови сеќавања.
Во некои случаи, откриено е дека џвакањето ја подобрува и концентрацијата, а експертите додаваат дека може да биде и ефикасен начин за ублажување на стресот.






