Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда, со став дека Обвинителството не ги докажало ниту последицата, ниту каузалитетот за делата што му се ставаат на товар на обвинетиот.
Во завршниот збор, јавната обвинителка Адела Бојчевиќ посочи дека исказите на членовите на семејството, психијатриското вештачење, медицинската документација, аудиозаписите и другите материјални докази дале јасна слика за подолготрајно малтретирање и дека не станува збор за изолиран инцидент, туку за континуирано насилство и контрола врз оштетената.
„Во текот на оваа постапка Обвинителството изведе обемен доказен материјал. Од исказите, семејството и психијатриското вештачење, медицинската документација, аудиозаписите и останатите материјални докази, судот доби јасна слика за подолгото малтретирање. Не станува збор за изолиран настан… Оштетената се наоѓала во материјална зависност од обвинетиот, без да има обезбедено живеалиште за себе и своето дете, а обвинетиот бил свесен за тоа и го користел за заканување дека ќе ја остави без покрив на главата и без детето“, изјави Бојчевиќ.
Обвинителката наведе дека оштетената, токму поради стравот, ги повлекувала претходните пријави, иако од доказите, како што рече, произлегува дека настојувала да го заштити домот и своето дете.
Бојчевиќ оцени дека исказите на мајката, братот и на другите сведоци се меѓусебно усогласени и ја заокружуваат состојбата во која оштетената живеела под постојан страв, контрола и чувство на безизлезност. Посочи и дека сведочењето на Мартин Саздов останало конзистентно со другите докази и дека, според Обвинителството, ја потврдува зависноста во која се наоѓала оштетената, вклучително и заканите поврзани со станот и со Катја.
„Од исказот на мајката на Ивана добивме јасна слика дека насилството се одвивало подолг временски период… Братот даде непосреден увид за она што таа лично му доверувала, ја видел ‘како се тресе од страв’ и дека била под постојана контрола на обвинетиот… ‘Мора да бидам добра со него за да ми го врати дарот’ – оваа реченица ја потврдува зависноста на Ивана“, рече обвинителката.
Во однос на обвинетиот, обвинителката наведе дека според медицинското вештачење кај него не постои душевно заболување кое би ја намалило одговорноста, туку доминирале потреба од контрола, манипулативност, недоволна самодоверба и сомничавост.
„Предлагам судот да донесе пресуда и да изрече казна во рамките на законскиот максимум која ќе ја одрази тежината на делата и потребата од превенција од семејно насилство. Обвинителството бара максимална казна за сите три кривични дела поради пораката дека физичкото и семејното насилство може да убива исто како и физичката сила“, истакна Бојчевиќ.
Во име на оштетените, адвокатката Неда Чаловска, истакна дека дејствијата на обвинетиот не претставуваат изолирани инциденти, туку каузално поврзани настани што кулминирале на 2 март. Таа наведе дека присилното одземање на станот, заканите дека Ивана ќе биде избркана од домот и дека ќе ѝ биде одземено детето, ја довеле жртвата до состојба на постојан страв и апсолутна несигурност. Чаловска побара и имотно-правно побарување за мајката на Ивана, Љубица Стојановска и нејзиниот брат Александар Стојановски.
„Стојам пред вас во име на семејството… но и во име на правдата која им беше ускратена на Ивана и Катја додека беа живи… Дејствијата на обвинетиот не претставуваат изолирани инциденти, туку каузално поврзани настани кои кулминирале на критичниот ден 2 март… Да, тој не ја турна Ивана физички, но ја донесе до работ и ја одзеде секоја причина да не скокне“, изјави Чаловска.
Одбраната на обвинетиот, пак, во завршниот збор тврдеше дека доказите се контрадикторни, а сведочењата претежно посредни, а не непосредни. Адвокатот Давор Ангелевски рече дека не е докажано кој, кога и на кој начин ги нанел повредите, како и дека не е докажан каузалитетот ниту за кривичното дело загрозување на сигурноста, ниту за делото наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, поради што побара обвинетиот да биде ослободен.
„Ниту последицата е докажана, ниту каузалитетот е докажан за критичниот ден … Со вештиот наод не се докажа дека Стојанче сторил телесна повреда… доказите се контрадикторни, сведочењата се посредни, а не непосредни… Предлагаме пресуда со која обвинетиот Стојанче Јовановски ќе биде ослободен“, истакна Ангелевски.
Самиот обвинет, Стојанче Јовановски, ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека не ја поттикнувал, ниту охрабрувал сопругата на таков чин и дека никогаш не би ги оставил сами доколку, како што тврдеше, не бил присилно изваден од станот од страна на Саздов. Јовановски ги оспори и наводите за телесните повреди, тврдејќи дека дел од нив биле нанесени од Саздов, и рече дека сведоците давале лажни искази за да го оцрнат.
„Да се земат изјавите на сведоците со претпазливост, бидејќи со пристрасност и контрадикторност даваат различни изјави за настани кога не биле присутни. Јасно се изјаснија дека се во роднинска врска со Ивана и дека не се во добри односи со мене. Сѐ би дал да можам да го вратам моето дете и мојата сопруга и цело побарување што го имаат мајката и братот без проблем, бидејќи материјалното не ми значи ништо“, рече обвинетиот Стојанче во својот завршен збор.
Претходно, пред завршните зборови, обвинителката Бојчевиќ го прецизираше обвинителниот акт, посочувајќи дека не станува збор за суштински измени, ниту за промена на правната квалификација, туку за појасно прикажување на динамиката на настаните произлезена од изведените докази. Таа потврди дека на Јовановски и натаму му се ставаат на товар три кривични дела – телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство.
Судењето против Јовановски почна кон крајот на март. Во текот на доказната постапка пред судот беа презентирани аудиоснимки од полициски пријави и видеоснимки на кои, според Обвинителството, е регистрирано физичко и психичко насилство врз Ивана Јовановска.
Стојанче Јовановски е обвинет за три кривични дела – телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, поврзани со трагедијата од 2 март годинава.






