вторник, 28 април 2026

Габите во почвата можат да влијаат врз создавањето дожд

Одредени габи што растат во почвата може да играат клучна улога во создавањето дожд, бидејќи нивните протеини во атмосферата го поттикнуваат формирањето на ледени кристали во облаците, според студија објавена во списанието Сајенс едвансис.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Додека во одделни држави за предизвикување врнежи се користи сребро-јодид, научниците веќе долго време ги истражуваат природните процеси што придонесуваат за создавање дожд.

Нова студија покажува дека габите од родот „Мортиерела“ и „Фусариум“, кои живеат во почвата, а чии биолошки траги може да се најдат и во атмосферата, играат важна улога во овој процес.

Дијана Линарес, истражувачки соработник во областа на микробната екологија на Универзитетот во Лимерик во Ирска, за Ал Џезира изјави дека долго време се сметало дека прашината и солите се главните природни двигатели на формирањето на врнежите во облаците.

Според неа, новите сознанија покажуваат посложен процес: во облаците водата може да остане во течна состојба и на температури до минус 40 степени Целзиусови, во таканаречена состојба на „супер-изладена вода“.

За да дојде до создавање мраз, а потоа и дожд, потребни се „јадра“ околу кои започнува замрзнувањето, а токму тоа го овозможуваат споменатите габи.

Студијата покажува дека тие ослободуваат протеини во почвата кои имаат способност да го поттикнат формирањето на мраз на температури значително повисоки од нормалните, дури и над минус пет степени Целзиусови.

Кога ветровите ги пренесуваат овие честички во атмосферата, тие дејствуваат како „семе“ за создавање ледени кристали, кои потоа се зголемуваат и паѓаат на земјата во облик на дожд.

Истражувачите утврдиле дека таа способност е резултат на процес познат како хоризонтален пренос на гени, кој им овозможува на микроорганизмите размена на генетски материјал и брзо стекнување нови особини.

Бактеријата „Псеудомонас сиринџ“ беше идентификувана како извор на овие гени, кои, како што е наведено, придонеле за развојот на оваа функција кај габите.

Линарес оцени дека откритието покажува природен циклус во кој габите од почвата го поттикнуваат создавањето врнежи, кои потоа придонесуваат за нивниот понатамошен раст.

Таа предупреди дека уништувањето на шумите не само што значи губење на вегетацијата, туку може да го наруши и овој природен циклус што влијае на врнежите.

Во исто време, истражувањето отвора можност за користење на овие природни протеини како еколошка алтернатива во техниките за создавање вештачки дожд, наместо хемиски агенси како што е сребро-јодид.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ