Според презентираните податоци, најмладата жртва имала само 16 години, додека најстарата била на 49-годишна возраст. Обдукциските извештаи покажуваат дека кај најголем дел од починатите како примарна причина за смрт е наведено труење со јаглероден моноксид, а кај дел и од задушување поради недостаток на кислород во околната средина. Само еден, починал од изгореници.
Кај дел од жртвите се констатирани и дополнителни фактори кои придонеле за фаталниот исход, меѓу кои компресија и притисок на градниот кош, термички оштетувања на горните дишни патишта, како и акутна слабост на белите дробови. Во повеќе случаи, вештите лица нотирале и „насилно задушување“, како последица на изложеност на високи концентрации на штетни гасови во затворен простор.
Во рамки на доказната постапка, Обвинителството на следното рочиште ќе побара од вештите лица да појаснат клучни медицински прашања, меѓу кои: колкава концентрација на јаглероден моноксид и карбоксихемоглобин во крвта се смета за смртоносна, колку брзо може да настапи смртта во вакви услови, како и кои се специфичните и неспецифичните знаци на задушување. Дополнително, се отвори и прашањето дали постои разлика меѓу класично задушување и труење со јаглероден моноксид, како и дали жртвите би имале поголеми шанси за преживување доколку навремено им била укажана кислородна терапија на местото на настанот или во здравствените установи.
Во текот на рочиштето одбраната нагласи дека не може целосно да се исклучи влијанието на други токсични гасови, меѓу кои и цијанид, што дополнително ја усложнува утврдувањето на точните причини за смрт. Дел од одбраната изнесе приговори во однос на дел од презентираните докази, оценувајќи дека тие не соодветствуваат со медицинската документација на повредените и побара нивна дополнителна проверка и споредба.
Судот, пак, посочи дека во оваа фаза постапката е насочена кон изведување на доказите, додека нивната оценка ќе следи во понатамошниот тек на судењето.
Судењето продолжува со изведување на останатите материјални докази, кои треба да дадат појасна слика за околностите под кои настанала трагедијата.
К.Д.






