„Во услови на целосна дигитализација на услугите, комуникацијата и економските процеси, секој киберинцидент има потенцијал да се пренесе во целиот систем. Затоа отпорноста станува основа на дигиталната трансформација“, нагласил Андоновски.
Министерот се осврнал на значењето на новиот Закон за безбедност на мрежните и информациските системи, кој, како што рекол, е усогласен со европската NIS2-директива потенцирајќи дека неговата суштина е во воспоставување систем онаму каде што досега постоел фрагментиран пристап.
„Со законот првпат поставуваме јасни линии на одговорност, дефинираме управување со киберризик и воспоставуваме рамка за координирано дејствување и во приватниот и во државниот сектор. Ова не го правиме само заради усогласување со европската регулатива, туку како суштинска институционална реформа“, истакнал министерот Андоновски.
Тој посочил дека една од клучните промени што ги носи законот е преминот од реактивен кон поактивен пристап во кибербезбедноста, при што организациите се обврзани да воспостават системи за управување со ризици и континуитет на работењето.
Особен акцент бил ставен на улогата на приватниот сектор, кој, како што било нагласено, претставува суштински дел од националната киберотпорност.
„Најголемиот дел од критичната дигитална инфраструктура се наоѓа во приватниот сектор. Затоа законот не го третира како објект на контрола, туку како партнер во системот на безбедност. Овие обврски не се административен товар, туку механизам за заштита на самото функционирање на компаниите“, посочил министерот.
Андоновски истакнал и дека сериозен киберинцидент денес може да предизвика прекин на работењето, финансиски загуби и нарушување на довербата поради што, според него, безбедноста треба да се гледа како предуслов за одржливост и развој.
Во однос на имплементацијата, министерот најавил дека Министерството за дигитална трансформација активно работи на зајакнување на националните капацитети, вклучително и воспоставување владин центар за одговор на киберинциденти (GOV-CSIRT), кој почнува со работа во наредниот период, како и унапредување на мониторинг-системите и интероперабилноста меѓу институциите.
„Законот сам по себе не е доволен. Неговата вредност ќе се мери преку имплементацијата, преку координацијата и преку способноста системот да функционира во реални услови“, нагласил Андоновски.
Според него, кибербезбедноста носи и нови можности за инвестиции, иновации и развој на домашната ИТ-индустрија, особено во делот на напредни безбедносни услуги и решенија.
Кибербезбедноста, рекол, треба да се гледа како составен дел од економскиот и институционалниот развој.
„Без стабилни и безбедни дигитални системи, нема доверба, а без доверба, нема инвестиции и економски раст. Затоа оваа реформа е еднакво безбедносна, економска и институционална“, истакнал Андоновски.
На конференцијата учествувале претставници на институциите, приватниот сектор и меѓународни експерти, кои дискутирале за најновите трендови, закани и решенија во областа на кибербезбедноста.






