вторник, 28 април 2026

Кина испрати воени бродови во близина на Тајван

Тајван забележа два кинески воени брода во водите во близина на островот Пенгу во Тајванскиот теснец и испрати свои поморски и воздухопловни сили да ги надгледуваат, соопшти Министерството за одбрана во Тајпеј. Кина, која го смета демократски управуваниот Тајван за своја територија, речиси секојдневно испраќа свои воени бродови и борбени авиони во водите и воздушниот простор околу островот, што тајванската влада го осудува.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Иако Министерството за одбрана на Тајван објавува дневни податоци за локациите на кинеските воени авиони, ретко дава детали за тоа каде дејствуваат кинеските воени бродови. Сепак, доцна вчера, министерството соопшти дека кинески разорувач и фрегата влегле во водите југозападно од островот Пенгу, каде што се наоѓаат главните поморски и воздухопловни бази на Тајван.

Тајванската војска „внимателно ја следеше формацијата и соодветно реагираше користејќи поморски и воздухопловни сили“, додаде министерството.

Кинеското Министерство за одбрана не одговори веднаш на барањето за коментар. На почетокот на овој месец, беше соопштено дека редовните воени активности на Кина околу Тајван се „целосно оправдани и разумни“ и дека владата во Тајпеј е виновна за сите тензии.

Зборувајќи пред офицерите на крајбрежната стража, тајванскиот претседател Лаи Чинг-те рече дека операциите во „сивата зона“ на Кина и психолошкиот притисок се зголемуваат од ден на ден. Станува збор за нерегуларни тактики за исцрпување на противникот без прибегнување кон отворен конфликт. „Тие се обидуваат да создадат нова нормалност што го поткопува статус кво“, додаде тој.

Во својот дневен извештај, Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека вкупно девет кинески воени бродови дејствувале околу островот во последните 24 часа, при што биле откриени 22 воени авиони. Иако беше објавена мапа на која се прикажани локациите на кинеските авиони, главно во теснецот и северно и југозападно од Тајван, не беа дадени други информации за локацијата на воените бродови.

Крајбрежната стража на Тајван е на првата линија на надзор на кинеските активности, имајќи помошна улога за морнарицата, претседателот Лаи најави дека нејзините капацитети ќе бидат зајакнати. Тоа вклучува интегрирани можности за надзор на море и воздух, со проширено распоредување на беспилотни летала, радарски системи од следната генерација и инфрацрвени системи за термичко снимање, објасни Лаи. Владата во Тајпеј ги отфрла барањата на Пекинг за суверенитет, наведувајќи дека само народот на островот може да одлучува за својата иднина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ