вторник, 28 април 2026

Од проект, преку пракса, до систем – Преспа пред пресвртница во управувањето со отпадот

2026 година претставува значаен чекор во унапредувањето на инфраструктурата и подобрувањето на квалитетот на животот во Преспанскиот регион, како и во неговото меѓународно поврзување. Со оглед дека кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион, „Преспа разбуди се“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво (МЕД), а поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Македонија, на терен се спроведува од минатата година, конкретните резултати се веќе видливи, но подобрувањето во управувањето со отпадот во блиска иднина продолжува, едногласни беа говорниците на панел дискусијата што се одржа во Ресен.

Објавено на

часот

Сподели

Идејата за воспоставување на регионален систем за управување со отпад постои повеќе од 15 години и е вградена во сите стратешки и плански документи на државно и регионално ниво, како и во Законот за управување со отпад, кој постои повеќе од две децении. Тоа не е нов концепт, туку обид за трансформација на систем кој во моментов речиси целосно се темели на собирање и депонирање на отпад, кажа Емил Ангелов од невладината организација Солар интернационал.

„Во сите општини во земјата се соочуваме со слични проблеми. Постојат одредени општини кои се малку поефикасни, како Прилеп и Кавадарци, но генералната состојба останува незадоволителна.

99 проценти од отпадот завршува на депонии

Според проценките, околу 99 проценти од отпадот завршува на депонии. Дополнително, значителен дел до 30 проценти во одредени региони завршува на таканаречени дива ѓубришта, односно нестандардни депонии. И постојните општински депонии во суштина функционираат како големи ѓубришта, кои со текот на времето само се прошириле. Ретко која депонија е изградена на соодветна локација и според стандарди. Исклучок се само неколку објекти, како Дрисла и привремената депонија во Гевгелија. Останатите не ги исполнуваат ниту основните услови за безбедно управување со отпад“, кажа Ангелов.

Дополнителен проблем, појасни тој, претставува и застарената механизација.

„Возниот парк на комуналните претпријатија е во просек стар 20 до 25 години, што значително ја ограничува ефикасноста на системот. Опфатеноста со услуги е околу 85 проценти, но таа бројка варира во зависност од демографските промени“, рече Ангелов.

Тој дополни дека клучен предизвик останува затворањето на постојните 16 општински депонии. Проценетите трошоци за нивно затворање изнесуваат околу 30 милиони евра, што претставува сума која ниту една општина не може самостојно да ја обезбеди.

„Дополнителен проблем е што постои тенденција за продолжување на користењето на старите депонии, бидејќи тоа е поевтина опција. Во некои случаи, депонирањето отпад во природа сè уште излегува поевтино од негово соодветно управување, што укажува на сериозен системски проблем“, рече Ангелов.

Од девет „заборавени“ села до целосна покриеност

Зоран Трајчевски од УНДП, менаџер на проектот за инфраструктурни подобрувања, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (ОН) истакна дека проектот веќе активно се спроведува на терен и дека во моментов се реализираат повеќе клучни активности, од кои граѓаните ќе можат да ги почувствуваат конкретните придобивки веќе во блиска иднина. Како што обајсни, во моментов паралелно се градат пет канализациски мрежи, во Претор, Стење, Крани, Долно Дупени и Брајчино. Покрај овие мрежи, се градат и соодветни канализациски системи. За секоја канализациска мрежа предвидена е по една мала пречистителна станица, која ќе ги опслужува жителите на конкретното село. Дополнително, има вкупно шест пречистителни станици, од кои шестата е во Сливница која е завршена непосредно пред започнувањето на овој проект.

„Канализациските системи во Претор и Стење се во најнапредна фаза, бидејќи таму работите започнаа најрано. Процентот на реализација е околу 90 отсто и се очекува да завршат до средината на летото, кога ќе следува и технички прием.

Во Крани реализацијата е околу 30 проценти, во Долно Дупени надминуваме 65 проценти, а во Брајчино сме некаде околу 80 проценти. Сличен е и процентот на реализација кај пречистителните станици. Оваа инфраструктура претставува основа за одржлив развој на целиот преспански регион. Најдиректен бенефит има Преспанското Езеро и целиот чувствителен биодиверзитет околу него. Исто така, околу 1.500 жители ќе имаат директна придобивка, бидејќи ќе се приклучат на канализациски систем кој ќе овозможи третман на фекалните води. Со тоа значително ќе се подобри квалитетот на водата во Преспанското Езеро и ќе се намали притисокот од загадувањето“, кажа Трајчевски.

Тој како особено значајна инфраструктурна интервенција ја издвои и изградбата на граничниот премин Маркова Нога.

Преспа со шест пречистителни станици го спасува биодиверзитетот

Во изминатите неколку години од мандатот, вели директорот на Јавното комунално претпријатие „Пролетер“, Марчел Русу наследил девет населени места кои не биле опфатени со системот за собирање на комунален отпад.

„Во 2023 и 2024 година успеавме да намалиме три од нив, така што останаа уште шест. Во текот на 2025 година, со добивањето на возилата преку проектот ‘Преспа’, дополнително го зголемивме капацитетот и успеавме да опфатиме уште три населени места. Сега остануваат уште три, кои во текот на 2026 година ќе бидат целосно решени. Тоа значи дека ќе обезбедиме стопроцентна покриеност на целата територија на Општина Ресен со организирано собирање на комунален отпад“, информираше Русу.

Во меѓувреме, додаде тој, работиме и на делот на селекција на отпадот.

„Досега селектираме електронски отпад и стакло. Во изминатиот месец започнавме и со селекција на текстил, и можам да кажам дека доста успешно се справуваме во овој сегмент. Влеговме со презентации кај најмладите, за да ги запознаеме со значењето на селектирањето, и во градинките, и во училиштата. Во изминатите три недели собравме околу два тони текстил, селектиран на начин како што е потребно. Следната фаза е селекција на пластика и лименки. За таа цел, секое домаќинство ќе добие по една жолта канта, во која ќе биде задолжено да го селектира овој вид отпад, согласно правилата за употреба и постапување“, кажа Русу.

Според плановите на претпријатието, во 2027 година е предвидена селекцијата и на органски отпад. До септември 2027 година треба да заврши меѓуграничната соработка со Грција за реновирање на компостарата, по што ќе започне процесот на селектирање на органскиот отпад.

„Во истиот период треба да завршиме уште еден проект на Општина Ресен за собирање и селектирање на отпад од пестициди, што претставува сериозен проблем во едно земјоделско подрачје какво што е Ресен. Во периодот 2028–2029 година, односно до крајот на проектот, предвидена е уште една важна фаза, селектирање и третирање на градежниот шут. Сметам дека ќе успееме значителен дел од сегашниот комунален отпад да го издвоиме, селектираме и третираме соодветно, онака како што е потребно“, вели Русу.

Комунална полиција спас за несовесните граѓани

Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски нагласи дека за Општината е важно не само да ги спроведува тековните проекти, туку и тие да станат одржливи и по нивното завршување. Еден од начините за справување со нелегалното одлагање на отпадот се и казните кои се предвидени со Законот за локална самоуправа и комуналните полицајци кои ќе имаат ингеренции да казнуваат.

„Комуналната полиција ќе има право да ги посетува оние кои несоодветно ќе управуваат со отпадот. А, ако ни е евтино да си ја платиме казната тогаш во ред, Ако ни е скапо да депонираме отпад таму каде што е бесплатно, тогаш нема проблем“, кажа Тозиевски.

Ајман Ал Малла од Општина Ресен посочи дека три предизвици се клучни за почиста животна средина, одржливо управување со отпад, подигнување на јавната свест и јакнење на циркуларната економија.

Во рамките на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, новинари од национални и регионални медиуми ја посетија Преспа во рамки на медиумската тура организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС) со цел одблизу да се запознаат со локалните примери за одговорно управување со отпадот и заштита на животната средина. Новинарските екипи посетија повеќе локации во Преспанскиот регион, каде преку разговори со локалните чинители се запознаа со конкретни решенија што веќе се применуваат на терен. Посетата опфати примери од земјоделството, каде органскиот отпад се користи за компостирање или за подготовка на природни препарати, како и мали бизниси кои применуваат еко практики, селекција на отпад, биоразградливи материјали и обновливи ресурси.

Новинарите се запознаа и со локални активисти и занаетчии кои преку личен пример, креативност и социјално претприемништво покажуваат дека отпадот може да добие нова вредност. Посебен акцент беше ставен и на улогата на училиштата и детските градинки во развивањето еко навики уште од најрана возраст, преку практични активности, работилници и иницијативи за одговорно постапување со отпадот.

Кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ има за цел да поттикне подобри практики за управување со отпадот, правилна селекција, намалување на штетните влијанија врз природата и поголема вклученост на локалната заедница. Кампањата ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, со поддршка од Европската Унија.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ