недела, 17 мај 2026

Од диви депонии во Скопје расчистени 7.000 кубни метри отпад и подигнати 80 тони комунален отпад

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопштија од претпријатието, во овој период, биле отстранети над 7.000 кубни метри отпад одложен на јавни површини, а во истиот период екипите на претпријатието расчистиле неколку обемни диви депонии составени од мешан комунален, градежен и кабаст отпад, лоцирани во општините Чаир, Кисела Вода и Сарај.

Оттаму додаваат дека за одржување на максималното ниво на јавната хигиена, како и спречување на ширењето на ковид-19, се спроведувало машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад Македонија и помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје и Старата скопска чаршија.

Во пресрет на најзначајните верски празници било извршено рачно миење на околината на поголемите верски храмови, а претпријатието реализирало и рачно миење на сите пунктови за масовна вакцинација на територијата на Градот Скопје.

Исто така, во употреба биле пуштени осум нови пунктови лоцирани во скопските општини Аеродром, Центар, Чаир и Шуто Оризари, а во периодот од 18 до 22 мај годинава, претпријатието спроведе акција за собирање кабаст отпад во сите скопски општини, во чиишто рамки беа подигнати и транспортирани рекордни 650 кубни метри одложен мебел и отпад од електронски и електрични уреди.

Во текот на првите шест месеци од годинава, ЈП Комунална хигиена-Скопје набавило и десет нови специјални комунални машини наменети за метење на јавните и сообраќајните површини, што се употребуваат за одржување на јавната хигиена во сите скопски општини, како и пет нови возила-камиони наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад.

Во претстојниот период, пак, планирана е набавка на уште 32 нови специјални комунални возила – автоцистерни, самоподигнувачи, камиони и кипери, што се очекува значително да придонесат за поефикасно и поквалитетно извршување на активностите на претпријатието.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ