На македонскиот пазар не се ретки производите чие име, визуелен идентитет или маркетинг асоцираат на одредена држава или регион. Потрошувачите често се водат од боите на амбалажата, знамињата, традиционалните симболи или странските називи, оставајќи ја декларацијата во втор план. Потрошувачите сѐ почесто ги избираат производите не само според цената и квалитетот, туку и според нивното географско потекло. Ознаки како „италијански“, „француски“, „грчки“, „германски“ или „домашен македонски производ“ имаат значително влијание врз купувачките навики, бидејќи кај потрошувачите создаваат перцепција за одреден квалитет, традиција или начин на производство. Но, што се случува кога името, амбалажата или визуелниот идентитет на производот оставаат впечаток дека доаѓа од одредена земја, а всушност е произведен на друго место? Или на пример, купувачите мсилат дека купуваат полномасен млечен производ од кравјо мелко, а добиваат производ од растително потекло? Токму затоа Законот за заштита на потрошувачите предвидува дека не само директно неточните информации, туку и целокупниот впечаток што производот го остава кај просечниот потрошувач може да биде основа за оценка дали станува збор за измамничка трговска практика.
Трговците се обврзани точно да ги информираат потрошувачите
Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за МКД.мк велат дека во делот на означувањето на производите со име, амбалажа, симболи или дизајн кои асоцираат на одредено географско потекло постапуваат согласно Законот за заштита на потрошувачите. Сепак, институцијата не води посебна статистика за претставки, инспекциски надзори или контроли што конкретно се однесуваат на географско потекло на производите.
„За бројот на поплаки, проверки, надзори и контроли не се прави одвојување согласно содржината на истите, конкретно за оние кои се однесуваат на географско потекло, туку на сите се постапува навремено и во законски предвидениот рок согласно надлежностите на Државниот пазарен инспекторат“, наведуваат од инспекторатот.
Ова значи дека евентуалните поплаки за производи кои со своето пакување или име можеби создаваат погрешна претстава кај купувачите се обработуваат во рамките на пошироките надлежности за заштита на потрошувачите, без посебна категоризација.
Од ДПИ се децидни дека Законот за заштита на потрошувачите јасно ги утврдува обврските на трговците кога станува збор за информациите што мора да им бидат достапни на граѓаните пред купување на производот.
„Трговецот е должен на потрошувачот на јасен, видлив и читлив начин да му обезбеди точни, целосни и корисни информации преку амбалажата, декларацијата, налепницата, упатството или друг соодветен документ“, пишува во Законот за заштита на потрошувачите.
Од ДПИ потенцираат дека особено значајна е одредбата која се однесува на името на производот, географската адреса и другите податоци важни за утврдување на идентитетот на трговецот. Целта е потрошувачот да може да утврди кој стои зад производот што го купува и од каде потекнува.
Законот дополнително предвидува дека декларацијата мора да содржи низа задолжителни податоци, меѓу кои називот на производот, неговиот состав, начинот на употреба, датумот на производство и рокот на употреба кога тоа е применливо, како и името и седиштето на производителот. Кај увезените производи пак, задолжително се наведуваат и податоците за увозникот, но и земјата на потекло.
Токму овие информации се клучни за потрошувачот да може да направи информиран избор и да не биде доведен во заблуда од визуелниот изглед или маркетиншката презентација на производот.
Лажниот впечаток може да биде прекршок и кога информациите се точни
Еден од најважните механизми за заштита на потрошувачите е забраната на измамнички трговски практики.
Во Законот за заштита на потрошувачите е наведено дека трговската практика се смета за измамничка доколку содржи лажни информации или на кој било начин го доведува или може да го доведе во заблуда просечниот потрошувач.
Tрговска практика се смета за измамничка доколку содржи лажни информации и поради тоа е невистинита или доколку на каков било начин, вклучувајќи го општиот впечаток кој го остава, го доведува или пак е веројатно дека ќе го доведе во заблуда просечниот потрошувач, дури и кога информациите фактички се точни, во врска со една или повеќе од околностите, а во кој било од случаите предизвикува или е веројатно дека ќе предизвика просечниот потрошувачот да донесе пазарна одлука што инаку не би ја донел“, се наведува во Законот за заштита на потрошувачите.
Според истиот, како околности на кои што се однесува измамничката трговска практика се сметаат, постоењето или природата на производот, главните карактеристики на производот, како што се достапноста, корисноста, ризиците, изведбата, составот, дополнителната опрема, помошта после продажбата и постапувањето по приговори и поплаки, начинот и датумот на производство или обезбедување, испорачувањето, соодветноста на намената, користењето, количината, спецификацијата, географското или трговското потекло или очекуваните резултати од неговата употреба или пак резултатите од спроведените тестови или проверки, обемот на обврските на трговецот, мотивите за трговската практика и природата на продажниот процес, сите изјави или симболи во врска со директното или индиректното спонзорство или одобрување на трговецот или на производот, цената или начинот на којшто се пресметува цената или постоење на одредени погодности во поглед на цената, потребата за сервисирање, делови, замена или поправка, природата, особините или правата на трговецот или неговиот застапник, како што се нивниот идентитет или имот, квалификации, статусот, одобрувањата кои им се дадени, поседувањето на права за индустриска, стопанска или интелектуална сопственост, награди или пофалници кои им се доделени и правата на потрошувачот, вклучувајќи го правото за замена или враќање на парите и одредбите за сообразност на стоките и трговските гаранции од овој закон, како и ризиците со коишто потрошувачот може да се соочи.
„Трговска практика се смета дека е измамничка и доколку, во својата фактичка состојба, имајќи ги предвид сите околности и специфичност на случајот, го наведува или веројатно може да го наведе просечниот потрошувач да донесе пазарна одлука што не би ја донел во друг случај, а се однесува на какво било ставање на стоките на пазарот, вклучувајќи споредбено огласување, што доведува до забуна со други производи, трговски марки, трговски имиња или други знаци за разликување на конкурентот, неисполнување на обврските кои трговецот ги преземал според кодексите на однесување на кои се обврзал, кога обврската не е факултативна, туку е цврста и може да се провери и трговецот во своите трговски практики назначува дека е обврзан со кодексот на однесување и какво било ставање на стока на пазарот за која се тврди дека е идентична со стока во земја-членка на Европската Унија, а која што има значително различен состав или карактеристики, освен ако таа разлика не е оправдана со прописни и објективни фактори“, велат од ДПИ.
Меѓу околностите кои можат да претставуваат измамничка практика експлицитно е наведено и географското потекло на производот. Тоа значи дека не е потребно на производот директно да биде напишана невистинита информација. Доколку неговото име, пакување, симболи или визуелен идентитет создаваат впечаток дека потекнува од одредена земја или регион, а реално е произведен на друго место, надлежните институции можат да оценат дали станува збор за доведување на потрошувачите во заблуда.
Казни до 10.000 евра за фирмите измамнички
Многу потрошувачи не ги читаат детално декларациите, туку својата одлука ја носат врз основа на брендот, дизајнот на пакувањето или симболите што ги гледаат на производот. Токму затоа законодавството предвидува поширока заштита која не се ограничува само на текстуалните информации. Законот дополнително предвидува дека измамничка практика може да биде и ставање на пазарот производ кој создава забуна со друг производ, трговска марка или друг препознатлив знак на конкурент.
„Глоба во износ од 500 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице, во зависност од големината на правниот субјект. Глоба во износ од 150 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице исто така во зависност од големината на правниот субјект“, предвудива Законот за заштита на потрошувачите.
Од Државниот пазарен инспекторат потсетуваат дека редовно објавуваат извештаи за својата работа, како и неделни и месечни информации за спроведените активности. На тој начин, велат оттаму, јавноста има увид во обемот на инспекциските контроли и мерките што ги презема институцијата во рамките на своите надлежности.
Искра Опетческа






