Случајот повторно го отвори прашањето колку потрошувачите навистина можат да им веруваат на информациите што ги гледаат на амбалажата и дали визуелната комуникација, имињата, симболите и пораките на пакувањата секогаш ја отсликуваат вистинската природа на производот.
Законот забранува амбалажа што создава забуна кај потрошувачите
Согласно Законот за заштита на потрошувачите, амбалажата претставува надворешна обвивка на стоката со којашто истата се штити од одредени надворешни влијанија при транспорт, ставање во промет, нудење на продажба или продажба
„Трговецот е должен на потрошувачот да му ги даде, на јасен, видлив и читлив начин, а преку амбалажа, приврзок, налепница, упатство, декларација, изјава, сертификат и/или на друг соодветен документ, белезите, квалитетот, начин на употреба и функционалноста на стоките или услугите, влијанието на одредени стоки или услуги врз животната средина и животот, здравјето и благосостојбата на луѓето, како и за мерките за заштита, согласно со важечките прописи и стандарди и името или називот, географската адреса и другите податоци значајни за определување на идентитетот на трговецот“, пишува во Законот за заштита на потрошувачите.
Дополнително, законот предвидува и обврска за означување на амбажалата со продажната цена доколку тоа не е направено на друг начин, а кој не предизвикува забуна кај потрошувачот.
Особено чувствителна тема е употребата на географски називи, национални симболи и традиционални мотиви. На пример, производ што носи име кое асоцира на одредена држава, користи национални бои, знаме или карактеристични пејзажи („алпско“) може кај купувачот да создаде впечаток дека е произведен токму таму. Слична дилема постои и кај производите што користат ознаки како „традиционален“, „домашен“, „автентичен“, „органски“, „еко“ или „природен“.
„Трговецот е должен стоките да ги става во промет во амбалажа што е соодветна на обликот, големината, обемот, количината и својствата на стоките, на начин што не може да создаде забуна кај потрошувачот за некој од овие белези на стоката. Амбалажата мора да е соодветна на обликот, големината, обемот, количината и својствата на стоките, на начин што не може да создаде забуна кај потрошувачот за некој од овие белези на стоката. Амбалажата не смее да биде штетна по животот, здравјето и благосостојбата на луѓето“, предвидува Законот за заштита на потрошувачите.
За храната важат уште построги правила
Истражувања на европските организации за заштита на потрошувачите покажуваат дека голем дел од потрошувачите се потпираат токму на визуелните елементи при проценката на потеклото и квалитетот на производот. Поради тоа европските регулатори сè повеќе внимание посветуваат на таканареченото deceptive packaging (пакување кое доведува до заблуда), како и на практиките познати како greenwashing, кога производите преку бои, симболи и ознаки создаваат впечаток на еколошка одржливост без соодветна поткрепа.
Иако истражувањето на Евробарометар за 2025 година покажува високо ниво на интерес кај граѓаните за темите поврзани со безбедноста на храната, сепак за нив, цената останува најважниот фактор при купувањето храна, по што следуваат вкусот и безбедноста на храната. За 60 отсто од граѓаните цената е најважна, за 51 отсто вкусот е клучен фактор, а за 46 отсто од нив најважна е безбедноста на храната.

„Во споредба со 2022 година, значењето на цената пораснало за шест процентни поени, а во 20 земји членки на ЕУ цената е најважниот фактор при купување храна. Најголемо значење на цената ѝ придаваат граѓаните на Латвија, Чешка и Кипар, потеклото на храната е најважно во Словенија и Луксембург. Во Италија потеклото и безбедноста на храната се подеднакво важни фактори. За граѓаните најпознати теми се адитиви во храната, остатоци од пестициди, болести кај животните и остатоци од антибиотици, а најмалку загриженост предизвикуваат темите за болести кај растенијата, биотехнологијата и нанотехнологијата“, се наведува во Евробарометарот за безбедност на храната за 2025 година.
Меѓу амбалажата и вистината, институциите без став
Во обид да утврдиме како државата ги штити потрошувачите од можни заблудувачки практики поврзани со визуелната комуникација на производите, до Државниот пазарен инспекторат и до Агенцијата за храна и ветеринарство доставивме детални прашања за нивните надлежности, контролни механизми и постапување во случаи кога амбалажата, името, симболите или дизајнот на производот можат да создадат погрешен впечаток за неговото потекло.
Од институциите побаравме информации за тоа колку контроли и инспекциски надзори спроведуваат годишно врз производи кај кои постои сомнеж дека визуелно асоцираат на одредена држава или регион, иако се произведени на друго место. Побаравме и податоци за бројот на претставки што ги добиваат од граѓани, компании или други субјекти во врска со вакви случаи, како и нивно толкување дали производ чија декларација наведува едно место на производство, а чиј визуелен идентитет асоцира на друго потекло, може да се смета за доведување на потрошувачите во заблуда.
Дополнително, од надлежните институции побаравме објаснување за законските правила што се однесуваат на означувањето на земјата на потекло, видливоста и читливоста на декларациите, како и за ограничувањата при користење географски називи, национални симболи, фотографии, пејзажи, бои и други визуелни елементи што кај потрошувачите можат да создадат впечаток за одредено географско потекло или квалитет.
И покрај тоа, до објавување на овој напис не добивме одговори на поставените прашања.
Македонија од 2024 година е дел од европската кампања Safe2Eat на Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), чија цел е да ја зголеми информираноста на граѓаните за безбедноста на храната, правилното читање на декларациите и донесувањето информирани одлуки при купувањето производи. На национално ниво, носител на активностите е Агенцијата за храна и ветеринарство, која во текот на изминатите две години објавуваше информативни содржини и едукативни материјали поврзани со безбедноста на храната, читањето декларации, алергените и здравите прехранбени навики. Сепак, и покрај учеството во европската иницијатива, не е јасно какви конкретни резултати дала кампањата во Македонија.
Искра Опетческа






