среда, 3 јуни 2026

Од отпад до уметност: Стево Темелковски ја претвора индустриската историја во визуелни приказни

Во Галеријата на Кинотеката на Македонија од 3 до 10 јуни ќе биде поставена изложбата „Ѕидни маски“, најнов проект на авторот Стево Темелковски, кој пред јавноста ќе се претстави со дела создадени во техниката скрап-арт.

Објавено на

часот

Сподели

Организатор е Стем-арт креативна работилница – Скопје.

Изложбата опфаќа серија маски, скулптури и композиции изработени од реупотребени индустриски и природни материјали, кои преку уметничка обработка добиваат нова форма и ново значење. Наместо да завршат како отпад, старите материјали се претвораат во уникатни уметнички дела што отвораат прашања за креативноста, одржливоста и односот на современиот човек кон животната средина.

Темелковски скрап-артот го дефинира како уметничка дисциплина што го истражува потенцијалот на отпадните материјали и нивната способност да инспирираат нови форми на изразување. Неговите дела настануваат преку процес на селекција, обработка, монтажа и комбинирање на различни материјали, при што предметите ја губат својата првобитна намена и добиваат сосема нов идентитет.

Авторот е роден во Штип во 1954 година, а образованието и професионалната кариера ги изградил во Скопје. Дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, магистрирал организациски науки, работел во индустријата, образованието и државната администрација, а од 2011 до 2017 година беше заменик-министер за животна средина и просторно планирање.

Иако е познат како инженер, автор и истражувач во областа на енергетиката и екологијата, Темелковски уште од младоста негува интерес кон ликовната уметност. Денес неговото творештво е насочено кон скрап-артот, каде што инженерската прецизност и уметничката имагинација се спојуваат во дела што покажуваат дека отпадот може да стане извор на нова естетика и креативност.

Изложбата „Ѕидни маски“ е организирана од Стем-арт креативната работилница од Скопје и ќе биде отворена за посетителите до 10 јуни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ