Родителите и останатите членови на семејството имаат големо влијание врз формирањето на личноста, самодовербата и емоционалната стабилност на детето. Љубовта, вниманието и поддршката што ги добива во семејството создаваат чувство на сигурност и припадност. Кога детето расте во средина исполнета со разбирање, почит и доверба, лесно развива позитивна слика за себе и се чувствува охрабрено да ги развива своите способности. Семејството има клучна улога и во воспитувањето. Родителите се првите учители на детето, и преку нивниот пример, детето учи што е правилно и што не. Децата најчесто ги имитираат однесувањето на возрасните, па затоа е важна улогата на родителите да покажуваат почит, трпение, одговорност и емпатија. Преку секојдневните разговори и заедничките активности, детето ги усвојува моралните вредности, навиките и правилата на однесување.
Од друга страна, постојаните конфликти, недостигот од комуникација или занемарувањето можат негативно да влијаат врз психичкиот и емоционалниот развој на детето. Покрај емоционалниот и воспитниот аспект, семејството има големо значење и за интелектуалниот развој на детето. Поттикнувањето на љубопитноста, читањето книги, разговорите, играта и поддршката во учењето му помагаат на детето да ги развива своите способности, креативност и таленти. Кога родителите покажуваат интерес за образованието и активностите на детето, се чувствува мотивирано и охрабрено да постигнува подобри резултати.
Во денешно време, развојот на децата е под влијание на бројни современи предизвици. Брзиот технолошки развој, интернетот и социјалните мрежи имаат големо влијание врз начинот на кој децата комуницираат, учат и го поминуваат слободното време. Иако технологијата може да биде корисна за учење и информирање, прекумерната употреба на телефони, таблети и компјутери може да доведе до намалена физичка активност, проблеми со вниманието, зависност од екрани и потешкотии во социјалната комуникација.
Сè почесто кај децата се забележуваат и емоционални и развојни потешкотии како анксиозност, ниска самодоверба, агресивно однесување, проблеми со концентрацијата и повлекување од социјалните контакти. Голем дел од овие проблеми се поврзани со недостаток на квалитетно време поминато со семејството, стресот во секојдневниот живот и изложеноста на несоодветни содржини на интернет. Дополнително, современиот начин на живот често доведува до намалена комуникација меѓу родителите и децата.
Еден од најголемите предизвици денес е недостатокот на емоционална поврзаност и разговор во семејството. Поради работните обврски и брзото темпо на живот, родителите често имаат помалку време за заеднички активности со децата. Токму затоа е важно семејството да создаде навики за заеднички разговори, игри, оброци и активности преку кои детето ќе се чувствува слушнато и прифатено.
Раното препознавање на развојните потешкотии е од големо значење. Родителите треба внимателно да ги следат промените во однесувањето на детето, неговата комуникација, емоции и училишни постигнувања. Доколку се забележат потешкотии, потребно е навремено да се побара поддршка од стручни лица како психолог, педагог, логопед или социјален работник. Со навремена помош и поддршка, многу проблеми можат успешно да се надминат.
Во современото општество, позитивното родителство има особено значење. Тоа подразбира родителите да воспостават однос со детето заснован на љубов, почит, разбирање и јасни граници. Наместо казнување и викање, важно е децата да се воспитуваат преку разговор, поддршка и насочување.
На тој начин тие развиваат чувство на сигурност, одговорност и самодоверба. На крајот, може да се заклучи дека семејството е темелот врз кој се гради личноста на детето. Здравите семејни односи, љубовта, поддршката и добрата комуникација се клучни за правилен психички, емоционален и социјален развој.
Во време на бројни современи предизвици, улогата на семејството станува уште поважна, бидејќи токму во домот детето треба да се чувствува безбедно, сакано и поддржано. Само со заедничка грижа, внимание и позитивен пристап можеме да придонесеме за создавање среќни, здрави и одговорни деца.
Даниела Митреска,
психолог- семеен системски советник












