Оттаму велат дека до март 2026 година ДИЖС редовно објавувал извештаи.
„Тие претставуваа единствен редовен механизам преку кој јавноста можеше да добие барем минимален увид во работата на инспекциските служби: каде се вршат контроли, кои субјекти се инспектирани и дали се утврдени неправилности. Оваа практика сега е прекината. Одлуката е донесена без јавно образложение, без претходна најава и без да биде предвидена во Годишните планови за работа на ДИЖС за 2024 и 2025 година, каде транспарентноста е наведена како едно од основните начела на инспекцијата“, забележуваат од иницијативата.
Од „Стоп за Усје“ побарале одговор за тоа кој ја донел одлуката, со кој акт е донесена и врз основа на каква анализа е одлучено јавноста да добива помалку информации.
„Не добивме одговор. Наместо тоа, од ДИЖС добивме само една реченица: ‘Неделните извештаи не беа законска обврска и поради тоа истите нема веќе да бидат објавувани’. Овој став е особено загрижувачки ако се има предвид дека во ДИЖС моментално се спроведува ЕУ Твининг проект чија цел е токму зголемување на транспарентноста, подобрување на комуникацијата со јавноста и развој на платформа со податоци за инспекциски надзори и индустриски капацитети. Токму затоа е апсурдно што паралелно со ветувањата за поголема отвореност, ДИЖС ја укинува единствената практика преку која граѓаните редовно добиваа информации за инспекциските контроли“, велат оттаму.
Според иницијативата, тoa значи дека додека ЕУ инвестира во поголема поголема транспарентност и достапност на податоците, ДИЖС во пракса ги намалува информациите што им се достапни на граѓаните.
„Последицата е едноставна: наместо проактивно објавени информации, граѓаните сега ќе мора да поднесуваат Барања за пристап до информации од јавен карактер и да чекаат до 20 дена за да дознаат каде и кај кого биле спроведени инспекциски надзори“, посочува иницијативата.
Стоп за Усје прашува како укинувањето на неделните извештаи е усогласено со целите на ЕУ Твининг проектот и со, како што велат, заложбите за поголема транспарентност наведени во годишните програми на институцијата.
„Додека министерот Хоџа во март бомбастично најавуваше јавно достапен Регистер на загадувачи – преку кој носителите на интегрирани дозволи ќе треба редовно и транспарентно да ги објавуваат резултатите од мерењата на емисиите – ДИЖС, институција која работи под капата на МЖСПП, во меѓувреме ги укина единствените јавно достапни информации за извршените инспекциски контроли токму кај тие загадувачи“, стои во реакцијата.






