среда, 3 јуни 2026

Вработените во игрите на среќа до Владата: Зошто ги игнорирате над 10.000 работници?

Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ реагира на најавените законски измени во оваа област, обвинувајќи ја извршната власт дека не ги консултира засегнатите страни и ги игнорира повеќе од 10.000 вработени во секторот. Оттаму велат дека со години живеат во неизвесност за своите работни места и бараат институциите да ги вклучат во процесот на креирање на законските решенија.

Објавено на

часот

Сподели

Од Здружението посочуваат дека, според нивните сознанија, Предлог-законот за заштита од пушење поминал низ низа консултации меѓу извршната власт, еснафските здруженија и претставниците на тутунската индустрија со цел да се постигне компромис. За разлика од тоа, велат тие, кај Предлог-законот за игри на среќа се применува сосема поинаков пристап, без дијалог со вработените и компаниите од секторот.

„Станува збор за економски сектор кој, вкупно гледано, е најголем приватен работодавец во Македонија. За жал, никој од надлежните не смета дека ние, вработените кои секојдневно ја спроведуваме регулативата за игри на среќа, треба да дадеме идеи и предлози за подобар закон“, наведуваат од Здружението.

Во реакцијата се посочува дека вработените веќе осум години се соочуваат со неизвесност поради различни политички иницијативи и законски предлози кои, како што велат, директно влијаат врз нивната егзистенција.

„Осум години сме заложници на различни политички структури кои си поигруваат со нашите судбини тогаш кога мислат дека можат да освојат политички поени преку жртвување на нашите работни места. Осум години живееме во грч и неизвесност, а заедно со нашите семејства стравуваме дали ќе останеме без работа, со неисплатени кредити, активирани хипотеки и со билет во еден правец – кон иселување во странство“, велат од Здружението.

Оттаму сметаат дека институциите не покажуваат еднаков пристап кон сите категории граѓани и бараат одговор зошто нивните барања и реакции остануваат без одговор.

„Испраќаме писма и протестираме, но нема никаков ефект. Власта треба да одговори зошто игнорира повеќе од 10 илјади вработени во игрите на среќа“, наведуваат тие.

Во соопштението се поставува и прашањето дали причината за игнорирањето е фактот што, според нивните тврдења, околу 90 проценти од вработените во секторот се Македонци, оценувајќи дека не треба да бидат жртви на политички и етнички пресметки.

Од Здружението предупредуваат дека затворањето на легалните објекти за игри на среќа би можело да придонесе за појава на нелегални играчници, каде, според нив, младите би биле изложени на поголеми ризици и без соодветна контрола од институциите.

„До кога легалните игри на среќа и вработените ќе страдаат поради негативната кампања на дежурните критичари, кои никогаш нема да преземат одговорност доколку се отворат нелегални играчници по подруми, каде младината ќе биде лесна цел?“, прашуваат од Здружението.

Тие порачуваат дека се подготвени со сите демократски средства да го заштитат своето уставно загарантирано право на работа и бараат одговор од надлежните институции за тоа каква алтернатива им нудат на луѓето кои со години работат во оваа индустрија.

„Надлежните кои предлагаат затворање на легалните објекти за игри на среќа ни должат одговор каде треба да се вработиме ние, кои сме поминале професионални обуки и сме стекнале работно искуство во приредување игри на среќа според највисоки светски и европски стандарди“, се наведува во реакцијата на Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ