СВР Куманово поднесе кривична пријава против педесет и двегодишниот Ф.Ф.(52) и Л.Т.(52), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство и природни реткости“, „бесправно градење“, „узурпација на недвижности“ и „несовесно работење во службата“.
Првопријавениот, наведува полицијата во 2023 година, срушил и уништил куќа-заштитен објект на културно наследство, на кој била поставена спомен-плоча на народниот херој Киро Нацев Фетак, објект, кој согласно член 20 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја е заведен во регистар на спомен обележја како заштитен објект на културно наследство и е заведен во програма за одбележување на значајни настани и личности со спомен обележја во општина Куманово.
На таа локација, првопријавениот, во својство на инвеститор на градба извршил градежни работи и изградил градба од втора категорија, без претходно одобрение за градење издадено од Сектор за урбанизам при општина Куманово, со што постапил спротивно на член 59 од Закон за градење, а објектот го изградил на земјиште сопственост на државата. Додека пак, второпријавената како овластен градежен инспектор несовесно постапила во вршењето на своите должности и овластувања на начин што донела решение врз основа на нецелосна и неточно утврдена фактичка состојба, а која била должна да ја утврди согласно член 9 од Закон за инспекциски надзор во врска со член 2 а од Закон за градење.
Киро Фетак бил активен учесник во НОВ, по Втората Светска Војна бил прогласен за народен херој. Во негова чест е именувана поранешната текстилна фабрика„Киро Фетак“ и улици во Куманово и други градови.






