Aктерската екипа е составена од штитениците на Центарот за рехабилитација на психијатриската болница во Демир-Хисар и гостите меѓу кои и Синоличка Трпкова, Игор Џамбазов, Васко Тодоров, Благоја Грујовски, Мишел Трајковски и Атиџе Муратова. Филмот е снимен во соработка со Н.О. НЕБО, од Суводол, предводена од Јасмина Котевска и Стефан Шашков. Темата е „филмот како терапија”, во контекст на веќе популарното користење на цртежот, сликата, музиката и раскажувањето како терапевтски и дијагностички алатки во работа со лица со психички нарушувања.
„Железна тврдина“ го користи формалниот пристап својствен на документарниот, но и на играниот филм, и како таков го претставува новиот, хибриден, филмски израз. Базиран на вистински случки филмот вплотува елементи на фикција и фантазија.
„Она што почнува како набљудувачки запис од секојдневниот живот и креативните вежби полека се трансформира во конструиран филмски свет обликуван од самите учесници. Просторот на болницата станува истовремено реална средина и сцена за фиктивни ситуации, каде што личните приказни, фантазиите и креираните идентитети почнуваат да се преклопуваат. ‘Железнта тврдина’ се појавува како слоевит, духовит хибрид во кој реалноста и фикцијата, разумот и лудилото, свесното и несвесното се испреплетуваат, потсетувајќи нè дека ‘видено oдблиску, ништо не е нормално, и никој не е ненормален’.”
Проекцијата ќе се одржи во присуство на авторите.
Режисерот Митко Панов е еден од најреномираните македонски и европски филмски автори. Тој своето образование го стекнал на прочуената филмска школа во Лоѓ, Полска, под менторство на легендите Јержи Кавалерович, Војчех Хас и Анджеј Вајда.
Добитник е на престижни награди, вклучувајќи ја и Златната палма за најдобар краток филм на Канскиот фестивал во 1991, за неговиот студентски филм „Со кренати раце“ снимен во 1985 година.
Панов е и еден од основачите на Њујорк филм академијата (NYFA) и креатор на нејзината основна програма, курс од 6 недели во кои тој успеал да го систематизира она што едно филмско училиште од Источна Европа го нуди како 4-годишна програма.
Бил професор на универзитетот во Тексас UT, Austin-RTF и доцент на отсекот за пост-дипломски студии во Tisch School of the Arts, NYU. Во деведесетите години бил визитинг професор на државното филмско училиште во Минхен, HFF, а меѓу неговите поранешни студенти се и добитници на „Оскар“ и други светски признанија, меѓу кои и култниот режисер Стив МекКвин. Го отворил огранокот на NYFA во Париз и бил негов програмски директор.
Некои од неговите попознати филмови се краткометражниот „Ливада“ (игран), долгометражниот документарец „Земјаци“, како и долгометражните играни филмови „Војната заврши“ и „Сведок“ (во кој славниот актер Бруно Ганц ја оствари својата последна главна улога на филм).






