среда, 3 јуни 2026

Европа останува без деца: Доминираат самците и паровите без потомство

Традиционалната слика за европското семејство со повеќе деца забрзано се менува. Најновите податоци на Евростат за 2025 година откриваат длабоки демографски промени во Европската Унија, каде што бројот на домаќинства со деца се намалува, а сè повеќе луѓе живеат сами или како парови без потомство. Истовремено, кај семејствата што имаат деца, расте товарот врз самохраните родители, кои сè почесто самостојно ја преземаат одговорноста за нивното воспитување и издржување.

Објавено на

часот

Сподели

Од вкупно 203,1 милиони домаќинства во Европската Унија, во текот на минатата година само 47,4 милиони, односно 23,4 проценти, биле домаќинства со деца. Најголем дел од нив се парови со деца, кои учествуваат со 14,7 проценти, по што следуваат други сложени типови домаќинства со деца со 5,6 проценти и самохрани родители со 3,0 проценти.

Од друга страна, дури 76,6 проценти од домаќинствата во Европската Унија се без деца. Во оваа категорија доминираат лицата кои живеат сами и сочинуваат 37,5 проценти од сите домаќинства, додека паровите без деца учествуваат со 24,1 процент.

Податоците од последната деценија, од 2016 до 2025 година, јасно покажуваат во која насока се движат демографските процеси во Европа. Бројот на едночлени домаќинства без деца пораснал за дури 19,2 проценти, од 63,9 милиони на 76,1 милиони. Во истиот период бројот на парови без деца се зголемил за 3,3 проценти, додека бројот на парови со деца се намалил за 6,3 проценти.

Големи разлики меѓу европските земји

Демографската слика значително варира од држава до држава. Највисок удел на домаќинства со деца е регистриран во Словачка, каде што тие сочинуваат 35,4 проценти од вкупниот број домаќинства. Следуваат Ирска со 30,8 проценти и Кипар со 28,2 проценти.

На спротивниот крај на листата се наоѓа Финска, каде што само 18,2 проценти од домаќинствата имаат деца. Слична е состојбата и во Литванија со 18,4 проценти и Германија со 19,9 проценти.

Кога станува збор за бројот на деца во семејствата, половина од домаќинствата со деца во Европската Унија, односно 50,2 проценти, имаат само едно дете. Со две деца се 37,6 проценти од семејствата, додека само 12,2 проценти одгледуваат три или повеќе деца.

Еднодетните семејства се најзастапени во Португалија, каде што нивниот удел изнесува 61,8 проценти, како и во Бугарија со 60,4 проценти. Од друга страна, во 14 од 27-те земји членки на Европската Унија преовладуваат семејства со две или повеќе деца, а највисок удел имаат Шведска со 57,8 проценти и Холандија со 57,6 проценти.

Македонија над европскиот просек по бројот на домаќинства со деца

Евростат ги следи и податоците за земјите кандидати за членство во Европската Унија. Според најновите статистички показатели, од вкупно 595,6 илјади домаќинства во Македонија, 393,4 илјади или 66,1 процент се без деца, додека 202,2 илјади, односно 33,9 проценти, се домаќинства со деца.

Во споредба со просекот на Европската Унија, каде што само 23,4 проценти од домаќинствата имаат деца, Македонија бележи значително повисок удел. Со 33,9 проценти домаќинства со деца, земјата се позиционира блиску до Словачка и Ирска, кои се меѓу водечките држави во Европа според овој показател.

Анализата на структурата на 202,2 илјади домаќинства со деца покажува дека:

  • 43,2 проценти или 87,3 илјади домаќинства имаат едно дете;
  • 43,4 проценти или 87,8 илјади домаќинства имаат две деца;
  • 13,4 проценти или 27,1 илјада домаќинства имаат три или повеќе деца.

За разлика од Европската Унија, каде што доминираат семејствата со едно дете, во Македонија најзастапени се семејствата со две деца. Дополнително, уделот на семејства со три или повеќе деца е нешто повисок од европскиот просек.

Секое осмо семејство со деца го издржува само еден родител

Во контекст на Светскиот ден на родителите, кој се одбележува на 1 јуни, Евростат укажува и на растечкиот број еднородителски семејства.

„Поговорката дека е потребно цело село за да се одгледа едно дете звучи убаво, но за многумина реалноста е дека само едно возрасно лице ја носи целата одговорност“, наведуваат од Евростат.

Во Европската Унија минатата година биле регистрирани околу 6,1 милиони еднородителски семејства. Тоа значи дека 12,9 проценти од сите домаќинства со деца, или секое осмо семејство, се потпира на само еден родител.

Највисок удел на еднородителски семејства е забележан во Естонија, каде што дури 40,6 проценти од домаќинствата со деца ги води само еден родител. Следуваат Литванија со 32,7 проценти и Латвија со 28,5 проценти.

Најнизок удел имаат Словачка со 3,1 процент, Грција со 3,8 проценти и Словенија со 4,0 проценти.

Според податоците на Евростат за 2025 година, Македонија се вбројува меѓу земјите со најнизок процент на еднородителски семејства во Европа, со само 2,6 проценти.

Статистиката покажува дека товарот од самостојното родителство најчесто паѓа врз жените. Дури 81,6 проценти од еднородителските домаќинства, односно околу пет милиони семејства, ги предводат самохрани мајки, додека самохраните татковци сочинуваат 18,4 проценти.

Повеќе од половина од овие семејства, односно 60,1 процент, имаат само едно дете.

Податоците на Евростат претставуваат уште едно предупредување за сериозните демографски предизвици со кои се соочува Европа. Намалувањето на бројот на домаќинства со деца, растот на самечките домаќинства и зголемениот товар врз самохраните родители укажуваат на промени кои ќе имаат долгорочни последици врз пазарот на труд, социјалните системи и идниот демографски развој на континентот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ