Како што информираат од кинотеката, во таа пригода ќе бидат прикажани повеќе филмови во кои Анте Поповски е сценарист или продуцент, со што јавноста ќе се запознае со уште еден, делумно запоставен аспект на творечката личност на Анте Поповски – неговата дејност на полето на филмската уметност.
Куратор на програмата е филмологот советник во Кинотеката, вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, кој на отворањето ќе има воведен збор, а извадоци од есеистичкото творештво на Анте Поповски ќе интерпретира актерката Софија Гогова Врчаковска.
Вечерва на роденденот на поетот, во 19 часот ќе бидат проектирани првиот македонски кандидат за „Оскар“, документарниот филм „Дае“ од 1979 година на режисерот Столе Попов и играниот филм „Планината на гневот“ од 1968 година, на Љубиша Георгиевски, обата работени по сценарија на Анте Поповски.
На 4 јуни во 19 часот ќе бидат прикажани кусометражните документарни филмови „Кој век минува надвор деца“ (1975) на Љубиша Георгиевски, „Џафра“ (1978) на Кирил Ценевски и „Врати на бескрајот“ (1982) на Владимир Блажевски, сите по сценарија на Анте Поповски.
На 5 јуни во 20.30 часот во летното кино на Кинотеката ќе бидат прикажани долгометражните играни филмови „Време, води“ (1980) на Бранко Гапо и „Црвениот коњ“ (1981) на Столе Попов, во кои Анте Поповски се јавува како продуцент, односно тогашен директор на продуцентската куќа „Вардар филм“.
Филмскиот омаж завршува во сабота, на 6 јуни во 19 ч., со поекција на портретите на венцоносците на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ – „Рафаел Алберти“ (1979) и „Ежен Гилвик“ (1979), како и документарниот филм „Мостови – Струшки вечери на поезијата“ (1982), сите три во режија на Кирил Ценевски, а по сценарија на Анте Поповски.






