четврток, 4 јуни 2026

Бројот на жртвите е намален со примената на „Безбеден град“

Бројот на жртви како последица на непочитување на сообраќајни правила во првите пет месеци годинава е намален со примената на системот „Безбеден град“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Објавено на

часот

Сподели

Резултатите за првите пет месеци годинава се 17 човечки животи помалку, отколку една година претходно, рече тој.

Во првите пет месеци од годинава имавме 39 жртви во сообраќајни нерсеќи, а лани за истиот период 56. Системот „Безбеден град“ со казни почна да се применува од февруари годинава, а пробниот период почна во декември 2025 година.

МВР, нагласи Тошковски, две години макотрпно работеше на овој проект којшто е најгорлив за македонските граѓани кога е во прашање безбедноста.

„Ова е систем за којшто се потребни повеќе од 5 месеци за да ги даде посакуваните резултати“, изјави Тошковски за ТВ Телма.

Тој најави дека првите чекори коишто ќе следат во делот на странските возила ќе бидат видливи за еден месец.

„Дали камерите регистрираат странски таблички – да. Дали ќе бидат предмет на казнување – да. Дали се во системот – да. Како ќе го подобриме процесуирањето ќе видат македонските граѓани за брзо, меѓутоа работиме интензивно и на тоа“, изјави Тошковски.

Министерот сподели загрижувачка статистика за изминатиот месец, според која од 12 жртви во сообраќајот, дури пет се мотоциклисти.

Тој најави дека полицијата ќе дејствува „максимално репресивно“ кон оние кои „дивеат“ по улиците.

„За тројца од загинатите мотоциклисти сум сигурен дека не носеле кацига. Ги замолувам сите кои управуваат мотор – секогаш носете кацига! Кацигата не се носи заради другиот, туку заради себе, таа спасува живот“, потенцираше Тошковски.

Во врска со електричните тротинети, кои се посочени како огромен безбедносен предизвик, министерот Тошковски рече дека веќе се консултирал со голем број амбасадори за искуствата од нивните земји и најави законски измени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ