„Мажите како вас кои се приклучуваат на борбата нема да бидат обучени. Опремата што ќе ви ја дадат е под стандард. Постои многу голема веројатност дека ќе умрете или ќе бидете повредени“, изјави Руте за време на прес-конференцијата во Киев, обраќајќи се директно до „младите Руси и нивните семејства“.
„И големи се шансите дека ако бидете повредени, да останете да страдате во калта и да умрете“, додаде тој. Руте рече дека Русија трпи „апсолутно зачудувачки“ загуби во Украина, каде што, според него, повеќе од 30.000 руски војници умираат секој месец, повторувајќи ги бројките што веќе ги наведе претходно.
“Тоа значи загуба на повеќе луѓе во еден месец отколку што Советскиот Сојуз изгуби за време на десет години војна во Авганистан во осумдесеттите години на минатиот век”, рече шефот на НАТО. “Тоа не е апстрактно. Тоа веројатно ќе бидете вие”, им порача тој.
Русија, која официјално го опишува конфликтот како „специјална воена операција“ и им ветува високи плати на регрутите, долго тврди дека проширувањето на НАТО кон исток и можноста Украина да се приклучи на алијансата претставуваат егзистенцијална закана за нејзината безбедност.






