Во реакцијата, организацијата посочува дека Собранието на 4 јуни годинава по третпат во последните неколку месеци спровело постапка за избор на член на КСЗД, а Комисијата за прашања на изборите и именувањата како најсоодветен кандидат го предложила Исмаил Синани.
Според Мрежата, биографијата доставена од кандидатот не покажува дека тој го исполнува законскиот услов да има најмалку седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација.
„Во биографијата на предложениот кандидат не може да се идентификува непосредно професионално искуство во областа на заштитата од дискриминација. Како релевантно искуство се наведуваат соработка со граѓански организации во својство на новинар, медиумски содржини и учество на настани поврзани со родовите прашања во медиумите“, наведуваат од Мрежата.
Оттаму посочуваат дека и за време на јавното претставување кандидатот не понудил конкретни примери за свое професионално ангажирање во областа на спречување и заштита од дискриминација.
Дополнителна загриженост, според организацијата, предизвикуваат јавно достапни текстови што се поврзуваат со Синани или со медиумот во кој тој извршувал функција програмски директор и главен и одговорен уредник.
Мрежата наведува дека во овие текстови се содржани ставови поврзани со ЛГБТИ заедницата, родовата еднаквост и феминизмот, кои отвораат сериозни дилеми за неговото разбирање на човековите права и принципот на недискриминација.
Организацијата цитира повеќе јавно објавени текстови на Синани во кои ЛГБТИ правата и феминизмот се претставени како закана за семејството и општеството, оценувајќи дека ваквите ставови се неспоиви со функцијата член на КСЗД.
„Не само што овие ставови отвораат сомневање за неговото разбирање на човековите права и слободи, туку тие директно влијаат на неговата подобност да биде член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и да постапува со интегритет, непристрасно и објективно“, се наведува во реакцијата.
Од Мрежата сметаат дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата имала обврска внимателно да ги разгледа сите јавно достапни информации за кандидатот и да оцени дали тие се усогласени со мандатот и вредностите на институцијата.
Организацијата потсетува дека ова е трет обид за избор на член на КСЗД во краток временски период и дека и претходните постапки биле проследени со критики од граѓанскиот сектор.
Иако го поздравува фактот што Собранието овој пат ги објавило листите на пријавени кандидати и оние кои ги исполниле формалните услови, Мрежата оценува дека и натаму нема доволно објаснување за критериумите врз основа на кои е избран предложениот кандидат.
Поради тоа, до Собранието упатува неколку прашања на кои, според организацијата, јавноста сѐ уште нема добиено одговор.
Меѓу нив се прашањата, како Комисијата утврдува дали кандидатите поседуваат доволно релевантно искуство во областа на недискриминацијата, како ги толкува законските критериуми за избор на член на КСЗД и врз основа на кои аргументи е оценето дека Синани е најсоодветен кандидат.
Дополнително, организацијата прашува која е суштинската улога на јавните претставувања на кандидатите и на учеството на граѓанските организации во постапката доколку нивните забелешки и оценки не се земаат предвид при носењето на конечната одлука.
Мрежата за заштита од дискриминација апелира до Собранието да не го поддржи предлогот за избор на Исмаил Синани за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Организацијата нагласува дека останува подготвена да учествува во процесите поврзани со спроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и работата на независните институции, но предупредува дека учеството на граѓанскиот сектор не смее да биде сведено на формалност.
„Граѓанските организации не треба да бидат повикувани во овие постапки само за да се создаде впечаток дека процесот бил транспарентен, инклузивен и консултативен“, наведуваат од Мрежата.
Оттаму додаваат дека очекуваат Собранието да обезбеди транспарентен и кредибилен избор на членови на КСЗД, институција чија основна задача е заштита на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата на сите граѓани.






