Но, додека инфлуенсерите од областа на здравството се обидуваат да профитираат од оваа поврзаност, она што започна како нешто засновано на научни докази почнува да се распаѓа. Сега некои инфлуенсери тврдат дека едноставното зајакнување на силата на стисокот може да ви помогне да живеете подолго.
И не станува збор само за инфлуенсери на социјалните мрежи, пренесува Сајенс алерт.
Традиционалните медиуми честопати следат слични шеми, игнорирајќи ја сложеноста и нијансите на научните истражувања и погрешно претставувајќи што значи тоа за поединците.
Она што науката го вели е дека доказите постојано покажуваат дека силата на стисок на една личност е добар показател за нејзиното целокупно здравје и затоа може да послужи како индиректен показател за тоа колку долго би можела да живее.
Сепак, силата на стисокот не е двигател на долговечноста.
Силата на вашите раце не ве прави поздрави. Таа покажува колку е силен и отпорен вашиот организам, од мускулната и нервната функција, до здравјето на вашето срце и крвните садови, па сè до начинот на кој тој ја користи енергијата.
Како се мери?
Типичен начин на кој истражувачите ја проучуваат врската помеѓу силата на стисокот, здравјето и долговечноста е преку мерење на силата на стисокот со помош на рачен уред наречен динамометар.
Потоа ги следеле учесниците со текот на времето за да видат дали развиле болести и колку години имале кога починале.
На пример, една студија на околу половина милион Британци на возраст од 40 до 69 години покажа дека намалувањето на силата на стисок од пет килограми е поврзано со приближно 20 проценти поголем ризик од смрт во период на следење до десет години.
Истражувачите исто така откриле дека мускулната слабост, која ја дефинирале како сила на стисок помала од 26 килограми кај мажите и 16 килограми кај жените, била поврзана со поголем вкупен ризик од смрт, како и со поголем ризик од смрт од кардиоваскуларни заболувања (срцев удар и мозочен удар), респираторни заболувања, хронична опструктивна белодробна болест и неколку видови рак.
Оваа врска е поизразена кај постарите луѓе.
Иако врската помеѓу силата на стисокот и здравјето постои кај сите возрасни групи, кај постарите луѓе се покажа дека е особено добар показател за смрт, срцев удар, мозочен удар, паѓања и фрактури, објави Сајенс алерт.
Ова е затоа што се чини дека е исклучително добар показател за губење на мускулната маса поврзано со возраста (познато како саркопенија), како и губење на силата и издржливоста кај постарите возрасни лица.
Поради ова, некои истражувачи предлагаат силата на стисокот да се смета за „нов витален знак“ заедно со традиционалните здравствени индикатори како што се телесната температура, пулсот, дишењето и крвниот притисок.
Причината зошто силата на стисокот е послаб показател за долговечност кај помладите луѓе отколку кај постарите возрасни групи е тоа што повеќето млади луѓе се близу до горната граница на физиолошките способности.
Разликите во здравствената состојба кај младите луѓе се релативно мали во споредба со „шумата“ што произлегува од грешките во мерењето или случајните варијации.
Сепак, како што луѓето стареат, нивните здравствени разлики стануваат многу поизразени, додека изворите на грешки остануваат приближно исти.
Поради тоа поголемиот однос меѓу сигналот и шумот доведува до многу посилна поврзаност помеѓу силата на стисокот и здравјето во подоцнежниот живот.
Па, како ова стана сензација?
Проблемот со начинот на кој некои луѓе ги комуницираат овие информации е претежно претерување. Работите честопати стануваат нејасни, па оваа врска понекогаш се претвора во препорака.
Кога луѓето ја изедначуваат корелацијата со причинско-последичната врска, тие може да тврдат дека вежбите за подобрување на силата на стисокот сами по себе, без подобрување на целокупното здравје, можат да ви помогнат да живеете подолго.
Но, фактот дека две променливи се поврзани не значи дека едната ја предизвикува другата.
Подобрувањето на силата на стисокот не е магичен пат до долговечноста. Тоа е показател или посреден маркер на пошироката физиолошка отпорност, која влијае на долг живот.
Интересно е што некои видеа и статии јасно ја објаснуваат науката и нагласуваат дека силата на стисокот е показател, а не причина, но потоа, парадоксално, продолжуваат да опишуваат начини за зголемување на силата на стисокот.
Тоа несомнено ја поткопува пораката дека врската не е причинско-последична.
Еден од проблемите се чини дека е тоа што влијателните лица и новинарите понекогаш сметаат дека не е доволно само да се објасни науката – тие треба да понудат практични здравствени совети или решение, пренесува Сајенс алерт.
Ова може да доведе до претерување, кога се даваат препораки што одат подалеку од она што всушност го покажуваат доказите.
Сите ние сме природно привлечени од едноставни индикатори што ветуваат увид во нашето здравје и долговечност, а силата на стисок се чини дека е еден од покорисните.
Силата на стисок е едноставен и лесно достапен индикатор што може да помогне во предвидувањето на здравјето и долговечноста, особено кај постарите лица.
Но, самото подобрување на силата на стисок нема да ве направи поздрави, ниту ќе ви го продолжи животот.
Најефикасните фактори за здравје и долговечност остануваат очигледните: физичка активност, избалансирана исхрана, квалитетен сон, одржување на социјални врски и справување со стресот, се наведува во статијата.






