недела, 7 јуни 2026

Изложба на Сергеј Андреевски во Созопол

Во свечена атмосфера, во рамките на 15-от Меѓународен франкофонски фестивал „Солеј“ во Созопол, отворена беше изложбата „Животот е убав“ на еден од најзначајните современи македонски ликовни уметници, академскиот сликар Сергеј Андреевски. Изложбата ја отвори директорот на Македонскиот Културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски, кој во своето обраќање истакна дека станува збор за автор чие творештво претставува врвен дострел на современата македонска уметност и еден од најавтентичните уметнички изрази на македонската духовност и културна традиција.

Објавено на

часот

Сподели

Отворањето на изложбата претставуваше еден од најзначајните културни настани во програмата на фестивалот, кој традиционално собира уметници, интелектуалци и љубители на културата од повеќе европски земји. Присутните имаа можност да се запознаат со дел од богатото творештво на Сергеј Андреевски преку изложбата „Животот е убав“, составена од циклусите „Точаци“, „Под планината“ и „Храна“, кои на длабок и впечатлив начин ги отвораат прашањата за времето, меморијата, духовноста, човековото постоење и убавината на секојдневниот живот.

Во своето обраќање, Пејковски нагласи дека Андреевски е уметник кој не го слика само светот што го гледаме, туку и неговото невидливо духовно лице.

„Постојат уметници што ја претставуваат стварноста, но постојат и оние ретки творци што ја преобразуваат во духовно искуство. Сергеј Андреевски е токму таков автор. Неговите дела не се само визуелни композиции, туку простори на созерцание, внатрешна тишина и длабока човечка вистина. Тој создава уметност што не се гледа само со очите, туку се чувствува со душата“, истакна Пејковски.

Посебен акцент беше ставен на значењето на изложбата како дел од меѓународна културна манифестација, при што нагласено беше дека претставувањето на творештвото на Сергеј Андреевски е уште една потврда за високите дострели на македонската култура и нејзиното достоинствено место во европскиот културен простор.

„За нас е особена чест што токму на овој престижен меѓународен фестивал ја претставуваме македонската уметност преку творештвото на еден од нејзините најголеми современи претставници. Делата на Сергеј Андреевски сведочат за зрелоста, длабочината и универзалната вредност на современата македонска ликовна сцена. Тие покажуваат дека Македонија поседува уметници со силен авторски печат и со творечки потенцијал кој заслужено привлекува внимание и почит надвор од националните граници“, нагласи Пејковски.

Изложбата предизвика голем интерес кај фестивалската публика, која со внимание ги проследи претставените дела. Посетителите имаа можност да се доближат до специфичниот експресионистички свет на Андреевски, во кој бојата, светлината и формата се претвораат во јазик на духовното искуство и човечката меморија.

Особено впечатлив беше циклусот „Точаци“, каде авторот преку симболиката на тркалото создава филозофија на времето и животниот круг, како и циклусот „Под планината“, кој отвора простор за размислување за односот меѓу човекот, природата и духовната смисла на постоењето. Во циклусот „Храна“, пак, Андреевски ја открива длабоката човечка димензија на секојдневието, претворајќи ги најобичните предмети во симболи на заедништвото, домот и духовната блискост.

Во рамките на отворањето истакнато беше дека уметноста на Сергеј Андреевски претставува важен дел од современото македонско културно наследство и дека неговите дела се значаен придонес во афирмацијата на македонската култура на меѓународен план.

Настанот во Созопол уште еднаш ја потврди улогата на културата како најсилен мост меѓу народите и како простор во кој различните традиции и идентитети се среќаваат преку јазикот на уметноста. Изложбата „Животот е убав“ не беше само претставување на едно исклучително ликовно творештво, туку и силна афирмација на современата македонска култура пред меѓународната јавност.

Со оваа изложба, Македонија уште еднаш се претстави како земја со богата духовна традиција, со современи уметници од европски формат и со културни вредности кои заслужуваат високо место на светската културна мапа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ