недела, 7 јуни 2026

МТФ „Војдан Чернодрински“: Две претстави, „Црнила“ и „Калигула“ и ден посветен на драмскиот автор Дејан Дуковски

Двете претстави во официјалната програма, „Црнила“ на прилепскиот и „Калигула на кумановскиот театар, донесоа плодна дискусија на денешните разговори на тркалезната маса на третиот ден од Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој со богата секојдневна програма се одржува во Прилеп. Денес е ден за Автор во фокусот, Дејан Дуковски.

Објавено на

часот

Сподели

Во претставата „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски модераторот на Разговорите, режисерот, Милош Андоновски ги нагласи одличната актерска игра во познатото дело на Чашуле, но и погрубиот режисерски пристап.

-Сцената „105“ во Центарот за култур „Марко Цепенков“ во Прилеп е многу податлив простор за „Црнила“. Актерската игра е одлична и сфатив дека овојпат, режисерскиот пристап е погруб на овој култен текст. Имаше и хиперпродукција на знаци на сцената, рече Андоновски.

За драматургот Лидија Митовска Ѓорѓиеска задачата за обликувањето на претставата била тешка за да се долови современиот миг.

-И со режисерот и со актерите совршено се разбиравме за да го задржиме препознатливиот израз на Чашуле, а да не звучи анахроно, туку современо. Но, за жал, состојбите и денес остануваат исти, така што „Црнила“ останува современ текст, рече Митовска Ѓорѓиеска.

Актерот Александар Степанулески  нагласи дека „Црнилата“ на Чашуле уште се тешки во денешно време.

-Посебно е тешко да се сфати дека многуте грешки од историјата не сме ги научиле и пак ни се случуваат тие „силувања“ и физички и духовни и разочараноста од изневерените идеали и верувања, смета Степанучески.

Претставата „Калигула„ на кумановскиот театар донесе на сцената подмладена театрска екипа, сложена физичка акција, авторска музика, видео материјали и амбициозна режисерска концепција. Сето надополнето со бравурозна актерска креација, особено на насловниот лик на Калигула кој го толкуваше Марко Тодоровиќ.

– Историскиот Калигула е само маска зад која се отвора едно од најрадикалните прашања на модерната филозофија: што се случува кога човекот ќе ја истурка идејата за слобода до нејзините крајни последици? Храбрите режисерска визија на Ризески се фокусира на три радикални елементи: модерен политички контекст, сценографски минимализам и гротескна театралност. Особено впечатливи се транзициите меѓу привидната нормалност и насилството, Се отвора прашањето: Дали човекот може да живее без илузија?, рече модераторот, театарски критичар Звонко Димоски при денешните разговори за претставата на кумановскиот театар во режија на Ѓорѓи Ризески.

Ризески рече дека се стреми со претставата да создаде нов свет. Негов предизвик е да се долови логиката на светот, но и на апсурдот.

-Апсурдот треба да се оправда, те предизвикува да одговориш на повеќе прашања и откако ќе стигнат одговорите, на секој начин апсурдот станува логичен. Во претставата се соочивме со темите што во себе ги носи Калигула. Ние не бегаме од реалноста. „Калигула“ е современ во таа форма, имајќи го предвид  насилството во светот. Театарот треба да укаже на проблемите во светот, рече режисерот Ризески.

Марко Трајковиќ, кој со режисерот Ризески веќе неколку години посакувал „Калигула“ да се најде на сцената, а го толкува ликот на Калигула, конкретно посочи кога целосно го сфатил и прифатил ликот.

-Тоа беше кога Калигула зборува за самотијата, што беше мој поттик. Сака да ги донесе луѓето околу него до нивото на болката која ја чувствува, објасни Трајковиќ.

Продуцентката на претставата „Калигула, Симона Тоскиќ смета дека во театрите недостасува и треба да има продуцент.

Претставата наиде на одличен прием пред прилепската публика.

Денешниот ден на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп донесе повеќе театарски настани.

Вечер на програмата се уште две претстави во официјалната програма: Од 19 часот на сцена 105 во Центарот за култура „Марко Цепенков“ е претставата „Челинџ“, автор и режисер Јане Спасиќ а во продукција на Театар за деца и младинци од Скопје. Од 21 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ е претставата на штипскиот театар, „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо во режија на Ивана Ангеловска.

Денешниот ден е посветен на Авторот во фокусот, а годинава е Дејан Дуковски. Од 18 часот во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“  е изложбата на постетри од претстави по текст на Дуковски, работени не само во земјава, туку и во странство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ