На изложбата се претставени дела од 30 ликовни уметници, создадени за време на нивниот престој на колонијата, а авторите доаѓаат од повеќе земји – Северна Македонија , Албанија , Косово , Бугарија , Србија ,Грција , Англија и Турција .
Куратор на изложбата и организатор на уметничката колонија во Кавадарци е истакнатиот македонски уметник Владимир Темков. По повод овој значаен јубилеј, тој истакна дека во рамките на Ликовната колонија досега учествувале повеќе од 500 уметници од Европа , нагласувајќи ја нејзината важност како уметничка платформа за комуникација, соработка и творечки развој.

На отворањето на изложбата присуствувала и уметницата Радица Лелова Докузовска, која е дел од оваа изложба со своја слика. Меѓу посетителите на изложбата имало и уметници од Албанија, Италија, Белгија, САД и Украина, кои изразиле желба да учествуваат на следното издание на колонијата во Кавадарци.
„Токму во тој контекст, Македонскиот културен центар во Тирана продолжува да ја остварува својата мисија за промоција на македонската култура и отворање нови можности за контакти, соработка и обединување на уметниците од регионот и пошироко. Изложбата ќе биде отворена за посетители во текот на месец јуни“, велат од македонскиот КИЦ, Тирана.






