Претседателката Силјаноска Давкова која е покровител на Фестивалот рече дека Фестивалот е свет дом каде се одвивале илјадници дијалози меѓу човекот и совеста на универзален театарски јазик и е почестена што може да го прогласи за отворен.

„Шест децении сцената на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е простор на највисоки дострели на македонската театарска уметност. Денес, во време на брзи слики и куси сеќавања, театарот нè повикува не само да гледаме, туку и да чувствуваме и да проникнуваме во себе. Може ли една претстава да нè освести до болка или да нè израдува до делириум? Може ли еден актер да ни го открие човекот во нас? Може. Театарот изнедрува храбри луѓе, личности со достоинство, интегритет, ерудиција. И кога, ако не тука, ако не сега, каде што и воздухот мириса на театар, како што вели нашиот голем драмски автор Јордан Плевнеш. Посакувам овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни, рече претседателката Силјановска Давкова на свеченото отворање на Фестивалот.
Според министерот за култура Зоран Љутков, Фестивалот претставува временска верига на високи театарски вредности што се создаваат на македонска почва и само овде, во Прилеп, театарот умее да ја собере небесната амброзија на човечката мисла, што ги оживува вековите и нè поведува по патеките што единствено ја откриваат суштината на постоењето и иднината на вечниот театар.

„Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ и Прилеп, главниот град на театарска Македонија, засекогаш ќе останат место на кое македонските поклоници на Талија, се среќаваат со добра мисла и креативно се споредуваат едни со други, стремејќи се кон сѐ повисоки и поблагородни уметнички дострели“, рече Љутков.
Министерот за култура нагласи дека нема да се однесува како да не постои проблем дека во Прилеп нема функционална театарска зграда. Смета дека е време за решавање на долгогодиниот проблем.
„Тоа не е само проблем на Прилеп. Тоа е прашање на достоинството на македонската култура. Проектот за целосна реконструкција на Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е подготвен и ќе го реализираме. Не како политичко ветување, туку како долг кон генерациите уметници што ја создаваа историјата на овој театар и кон генерациите што допрва ќе ја создаваат неговата иднина. Реконструираната зграда ќе биде современа, функционална и безбедна“, смета министерот за култура Зоран Љутков.
Со бурни аплаузи што траеја и по неколку минути беа поздравени лауреатите на наградите за животно дело и членови на нивни семејства. Атила Клинче, Веби Ќерими, Сашо Миленковски и Љубомир Чадиковски.
Заблагодарувајќи се за наградата Атила Клинче рече голема благодарнот ѝ должи на публиката за сѐ што направил во театарот.
„Зад мене се 44 години како актер, како директор на една театарска институција. Ова е потврда за мојот придонес кон македонскиот театар, кон турската заедница кој мислам дека го имам. А со ваша поддршка, драга публико, ние израснавме, ги поминавме годините. Наградата не мислам дека е крај, туку е поттик. Секогаш им стојам на располагање на моите колеги“, рече Атила Клинче.
За Веби Ќерими е посебно чувството да се добие фестивалската награда за животно дело.
„Благодарност до Фестивалот, но не треба да се заборави оваа прекрасна прилепска публика која има голем удел во овој голем културен настан во Македонија. Честитки за фестивалот и за сите учесници“, рече Керими.
Фестивалот преку своевидна изложба со актерски креации, фотографии, факти, потсети на хронологијата на 60 -годишниот јубилеј. Под наслов „60 години театарска меморија“, почнувајќи од пред прилепскиот народен театар Војдан Чернодрински“, преку Музејот на икони, платото кај Градскиот саат, пред Рекламите во Центарот на Прилеп до домот на културата „Марко Цепенков“, Фестивалот потсети на почетоците од далечниот јуни 1965 година до денес на оваа најзначајна театарска манифестација кај нас.

Уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска им се заблагодари на сите пријатели и поддржувачи на фестивалот и им додели благодарници на „Витаминка“ – Прилеп, на „Прилепска пиварница“, „Пакомак“, „Комфи Ангел“, Никола Мариновски од Регионалната стопанска комора – Прилеп.
„Фестивалот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп нема да биде тоа што е без нашите редовни поддржувачи. Ви благодарам од срце на сите општествено – одговорни компании за долгогодишната поддршка: на сите спонзори, на сите пријатели, поддржувачи, продукциски партнери“, рече Стојаноска.
Беа испочитувани за нивниот придонес и Кирил Ристоски, долгогодишниот директор на нашиот фестивал, за креирањето на ликот на фестивалот, Петре Темелкоски, Катерина Коцевска, Стојан Дамчески, Дејан Проданоски, актуелен градоначалник на Прилеп.
На отворањето на Фестивалот, Драмски театар од Скопје ја изведе првата претстава во официјална конкуренција, претставата „Мачкина глава“ во режија на Дејан Пројковски.
На вториот ден публиката ја очекува богата програма. Програмата „Драмолетање“ започнува денеска во 11 часот во кино „Мис Стон“. Веќе традиционалните разговори на тркалезна маса ќе се случуваат еден час подоцна со екипата на претставата „Мачкина глава“. Изложбата „Прилеп во фокус“ во чест на Лидија Иваноска, Трајче Иваноски и Благоја Ивчески, ќе биде отворена во кафе-барот „Тротоар“ во 18 часот и во кафе-галеријата „Лувр“ во 18.30 часот.
Две претстави се вечер на програмата – „Црнила“ според Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, а во 21 часот ќе следува „Калигула“ во режија на Ѓорѓи Ризески, продукија на Народниот театар од Куманово.






