Од тој миг, многу родители влегуваат во состојба која не личи на обична грижа, туку на постојано чувство на итност. Како сè да мора да се случи веднаш и како секој ден да е одлучувачки.
Во таа прва фаза, семејствата ретко добиваат јасна и усогласена насока. Наместо тоа, се соочуваат со повеќе различни мислења и препораки, често без доволна координација меѓу стручните служби.
Така започнува една тивка трка. Трка во која се очекува веднаш да се започнат сите можни интервенции, од страв дека секое одложување значи пропуштена шанса за детето.
Во пракса не е ретко да се види дека семејствата истовремено започнуваат повеќе терапии и програми, без јасен редослед и приоритет. Наместо структура, често се создава збир од паралелни интервенции.
Клучниот проблем е отсуство на јасна и усогласена шема за рана интервенција. Во такви услови, пристапот станува фрагментиран и зависи од индивидуални проценки, наместо од системска рамка.
Важно е да се нагласи дека раната интервенција е научно потврдена и исклучително важна. Но нејзината ефективност зависи од тоа дали се спроведува како организиран процес или како збир на неповрзани активности.
Родителите не бараат бесконечен број опции. Тие бараат јасност, насока и сигурна професионална поддршка која ќе им помогне да разберат што е приоритет, а што може да почека.
Затоа, улогата на стручните лица и системот не е само да овозможат услуги, туку да создадат јасна структура во која тие услуги имаат ред и цел.
Бидејќи кога сè изгледа итно, тогаш ништо не е доволно јасно. Во таква нејасност, најголемиот товар повторно паѓа врз семејствата.
Александра Сабрас Апостолова











