Отворањето на македонската филмска панорама започна со проекцијата на филмот „Медена земја“, пред полната кино-сала, на која присуствуваа дипломатки претставници од повеќе амбасади во Кина, дел од малата македонска „дијаспора“ во Пекинг, (како и од соседскиот регион, т.н. Западен Балкан), но и домашна публика од пекиншката културна и интелектуална сцена. Вистинскиот потег на организаторот на манифестацијата, амбaсадата на Македонија во Кина и амбасадорот Сашко Насев, беше што на отворањето го обезбедија присуството на продуцентот и монатжерот на „Медена земја“, Атанас Георгиев, кој всушност веќе три години е професор на филмска академија во Шангај.

Иако кинеската публика имала можност да ја гледа „Медена земја“ на дигитални платформи (и има околу 2.000.000 прегледи), проекцијата на отворањето на Македонската филмска панорама е всушност своевидна кино – премиера во Кина, „одложена“, поради коронавирусот во 2020 година, кој се случи веднаш по доделувањето на oскарите таа година, кога филмот беше номиниран за оваа филмска награда. Интеракцијата на продуцентот Георгиев со публиката, по проекцијата на филмот, покажа дека „Медена земја“ и седум години по премиерата и наградата на Филмскиот фестивал Санденс, предизвикува интерес, љубопитство и прашања за приказната на Хатиџе и нејзината филозофија за медот – „пола за мене, пола за пчелите“, како и за нејзината судбина по завршувањето на филмот. Нескриено беше задоволството на публиката, кога продуцентот Георгиев откри дека Хатиџе добила нов дом поблизу до цивилизацијата и дека сè уште повремено контактираат.

Македонската филмска панорама во Пекинг, продолжува со филмовите: „Пред дождот“, „Диџеј Ахмет“, „Сите го викаат Реџо“, „Јон Вардар против галаксијата“, „Пепи и Муто“ и „Неми филмови“.
Амбасадорот Сашко Насев, во обраќањето пред публиката во кино-салата истакна дека е горд што одговориле на предизвикот и можноста што им понудиле кинеските коорганизатори на „панорамата“, да ја претстават кинематографијата на една мала земја како Македонија, но која преку делото на браќата Манаки е можеби една од првите кинематографии во Европа, а има и дела како „Медена земја“ и „Пред дождот“, кој биле номинирани за Оскар.

На крајот од филмската вечер во Пекинг, голем дел од присутните нескриено признаа дека целиот концепт на отворањето на Македонската филмска панорама било вистинско пријатно културно доживување.
За Мкд.мк. од Пекинг – Ј.П.






