сабота, 6 јуни 2026
Мухамед Халили

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Кој ги „брани“ јазичните права на Албанците во Македонија?

После долго време во фокусот на политичките збиднувања во Република Македонија на сцена се појави заедничката „грижа“ на поранешните коалиционери ДУИ и СДС за позицијата на албанскиот јазик во Уставот и неговата имплементација во секојдневниот живот, во органите на државната управа, институциите на државата, за враќање на „дискриминацијата на Албанците“ од страна на „машинeријата  на Мицкоски”, за „укинувањето„ на балансерот, потоа за тешката економска криза што ја „доживува“ земјата, за застојот во евроинтеграциските процеси, за „неспроведувањето“ на меѓународните договори...

Ова соработка датира од далечната 2001 година неколку месеци пред започнување на воениот конфликт кога во Луцерн, Швајцарија, се сретнаа на братско кафе генералниот секретар на СДС Ѓорѓи Спасов и Абаз Џука, алијас Али Ахмети да ги договараат контурите на соработката меѓу двете европско-балкански социјалдемократски партии, после војната во 2001 година односно конфликтот, како што тогаш го прекрстивме.

Мојот драг другар од тетовската гимназија покојниот Алајдин Демири, (одличен политиколог и политичар) потоа ми раскажуваше дека на таа средба не ги бранел политичките тези на ниту една политичка партија, туку бил во улога на преведувач од најчист македонски јазик (торбешки дијалект) употребен на средбата.

Медиумите известија (тогаш немаше портали) дека двајцата соговорници Ѓоко и Али разговарале за идната соработка, но за Ѓоко дилемата беше со кого, затоа што Абаз Џука немаше партија, туку марксистичко –ленинистичко движење со сталинова идеологија чиј портрет Абаз и неговите следбеници редовно го носеа на протестите во Хаг, Брисел, Париз и пред Европскиот Парламент, барајќи (со руска сталинистичка платформа) од европјаните „Косово-република“ и права на Албанците во другите републики.

Али побегнал во Швајцарија тие години со образложение дека бил прогонуван од југословенските власти поради неговиот „албански патриотизам“. И подалеку од тоа: Али „бил обвинуван“ дека сака да ја „руши“ Југославија (и во тоа успеал, се фали тој).

Очигледно ЦИА и Стане Доланц, југословенскиот министер за внатрешни работи надлежен да ги гони радикалните емигранти, претежно од Хрватска и Косово, немале доста информации за капацитетите на Абаз, инаку ќе ја спасеа земјата од распаѓање.

Средствата за информирање после ова братско кафе на Али со Ѓоко известија дека Абаз бил незадоволен што ПДП не го гласаше Уставот од 1991 година што не ги повикал Албанците да гласат на Референдумот од 9 септември 1991 година иако  ја гласале Декларацијата за независност на државата.

Да беше Абаз на власт тоа немаше да го стори, го убедуваше Абаз својот „брат“ Ѓоко.

Дали имаше поголема гаранција за лојалност кон дотогаш владеачката СДС за учество на идните власти на СДС?  Секако не, И така бидна после конфликтот.

А креаторката на новата политичка идеологија на ленинистичко сталинистичкото движење Теута Арифи (не таа историската илирска кралица Теута!) во јавност почна да ги пласира идеите на Тодор Петров од 1990 година за новата нација што требаше да ја креираат СДС и марксистичкото движање на Абаз –„македонските Албанци“ во 2015 година, потоа имплементирана со братската коалиција Заев-Али како „едно општество за сите“.

Во медиумското известување не стоеше дали Ѓоко му се пожалил на својот побратим Али дека неговиот СДС беше наш (ПДП) владин партнер кој редовно во Собранието гласаше против нас, заедно со ВМРО-ДПМНЕ на Доста Димовска и Владимир Голубовски, јакото бугарско крило во партијата, како што Љубчо објаснуваше неколку пати на телевизија!,

И сега, кога годините веќе поминале, после неколку срамни полициски интервенции (против основањето на Тетовскиот универзитет) од страна  на нашиот политички партнер СДС, а по наредба на нашиот колега од Владата тогашниот министер Фрчковски и таткото на нацијата Глигоров, повторно преку конференции за печат, колумни, учество во ТВ дебати, политичките елити на „братската“ СДС пред јавноста не ги кријат нивните емоции и нивната „љубов“ за  Албанците, албанскиот јазик, за нивната економска, политичка и секаква рамноправност со Македонците.

Така, секој ден се редат Тренчевска, (Кузеска е надлежна за партизацијата, корупцијата и економскиот криминал кои „вредности“ СДС ги промовираше со децении!) поретко Спасоски за подарените македонски пасоши на странски државјани со сомнителни активности, потоа и мојот пријател Фрчковски-сениор со нивните жалопојки за негирањето на  правата на студентите Албанци да го полагаат државниот испит по право на албански јазик.

Овие македонски „бранители“ на албанските права (јазик, национални обележја, рамноправно претставување во органите на државата, рамноправност и др.) поранешните и сегашните „либерали“ на пропаганден начин ги „бранат“ дури и во медиумите во Албанија и така, задачата им е да ја убедуваат јавноста дека во политичкиот живот во Македонија веќе нема политички сили со моќта на Абаз да ги брани интересите на Албанците затоа што албанската партија на власт Влен нема „патриотски“ капацитети.

Несомнено во таа насока одат и жалопојките на мојот пријател Љубомир Фрчковси (со кого бев многу кратко во иста влада, 90-ти години) во емисијата на познатата интелектуалка, поранешна пратеничка и сега многу ценета водителка на емисијата „Топ стори“ на Топ ченел во Албанија.

И замисли, тие од СДС кои во 90-те години не дозволија високо школство на албански јазик и употребија полициска акција во Мала Речица во која имаше и жртви (Абдулселам Емини), сега  бараат Албанците да полагаат еден тест по правосудство на нивен албански јазик. И ја обвинуваат коалицијата ВМРО-ДПМНЕ- Влен за јазична дискриминација!

Во спротивно меѓународната заедница ќе ја изолирала земјата!

И сега не ми е јасно.

Дали „поддршката“ на правата на студентите Албанци за јазикот од страна на тие кои употребија полиција против универзитетското образование на албански јазик беше демократски чин од  „либерален“ министер (во овој случај Фрчковски) или пак обид за  поттикнување на нереди за власта, односно Мицкоски, да попушти пред  јавноста за уставните измени со внесување на Бугарите во Уставот и ДУИ по автоматизам да се врати на власт и да продолжи со дискриминација на не-ДУИ Албанците во сите области на живеењето како што го правеше последните 23 години?

Или пак, да се повтори она од 2016 година, со т.н. шарена револуција со цел ДУИ да стане власт. Ако ова е во планот, со најновата дестабилизација земјата би имала како резултат враќање на власт на биномот СДС-ДУИ со крајна цел и резултат уставни измени и опростување на корупциските и криминалните дејства за актерите кои ја извршија задачата по налог на странски служби, а со лажно ветување за членство во ЕУ кое и ден денеска е само ЕУ ветување на хартија.

Така би се повторило сценариото на обидот за помилување на осудените криминалци, како што потврдува Пендаровски, подмитување на пратеници како во групата Г-8 или пак укинување на слични членови како 353 од Кривичниот законик.

ДУИ и неговиот лидер и после две години опозиција не престануваат да бараат поддршка од граѓаните и некои експоненти од меѓународната заедница за враќање на власт и да уживаат во благодетите што ги создава власта.

Али многу пати се фали дека ја „срушил“ Југославија, но вистината е дека секој негов втор именуван партиски кадар во државните органи преку корупциски и криминални дејствија придонел во „економското распаѓање“ на Република Македонија , како што обвинува власта.

И тоа во името на правата на Албанците!

Целта на сите тие нивни пропаганди и активности е симнување од власт на Мицкоски и Курти на Косово, а се со цел враќање на власт на Груевски во Македонија и косовската опозиција предводена од Вјоса Османи во Косово.

Сметам дека резултат на оваа акција би била гласање на уставните измени во Македонија (се разбира со СДС на власт) и создавање на заедница на српските општини во Косово.

Посакуваната цел би била проширување на српскиот свет и бугарската доминација на Балканот.

Селекторот и фудбалерите на ДУИ активно ја бранат корупцијата и организираниот криминал

Познатите „фудбалери“ на ДУИ Бесими, Османи, Адеми…, заедно со нивниот селектор Ахмети веќе по долгото молчење за борбата против корупцијата и економскиот криминал, активно почнале да ги бранат нивните сопартијци и финансиери за кои дури и институциите за гонење на криминал на САД тврделе дека имаат сериозни сознанија и докази дека ја злоупотребиле власта.

Со тие докази странските служби ги запознале и македонските институции.

Странските и домашните институции за гонење на криминалот се изјасниле дека за некои „фудбалери“ на ДУИ македонските институции за гонење на криминалот дале доволно докази за тие да подигнат кривични пријави.

Сепак, и покрај тоа, судските власти кои се жалат дека премиерот Мицкоски, односно актуелната власт, им врши притисок, ги забошотуваат тие факти и се ставаат во одбрана на тие за кои се сметаше дека постојат сериозни индиции за злоупотреба на власта.

Така актерите на „Мазут“ се ослободија од судско гонење бидејќи „не сториле“ ништо противзаконско бидејќи некои обвинители „не нашле докази“ за криминал од милионски суми, што доаѓа како резултат на труењето на граѓаните со мазут, спротивно на законот,

Законот е небитен кога опозицијата ги брани обвинителите и ја обвинува власта за политичко гонење.

И така фудбалерите на ДУИ кои ја обвинуваат власта за притисок врз судството, вршат поголем притисок врз судиите кога јавно тврдат дека случајот Артан Груби (познатиот центарфор од Владата!) е политичко гонење на истиот и дека тој е невин и затоа треба да го брани полицијата пред неговата куќа за „да биде безбеден“ оти тоа во затвор не му се гарантира затоа што секојдневно имал „закани“ по живот.

Со такво образложение и „македонскиот патриот Груевски“, вели Влен, со помош на Али побегна во Унгарија.

Албанскиот „патриот“ за јазични и антидискриминаторски права Али Ахмети, 23 години пратеник, во Собранието не изрекол ни 23 зборови за правата на Албанците кои ги застапувал во Парламентот.

Никогаш не снимил филм за непочитување на тие права од страна на ВМРО на Груевски, никогаш не испратил протестни писма до „нашите меѓународни пријатели“ ЕУ, САД, НАТО, ОБСЕ за тие права.

За жал овој месец снимил видео-филм во кој тој го обвинува обвинителството и судството дека Пуцко Петрол и компанијата се невини, дека не сториле ниту едно кривично дело и треба да се ослободуваат од кривично гонење!

О темпора, о морес!

Не можам да разберам што му беше целта на Али со ова видео, но јавноста перфектно разбра дека обвинителите надлежни за случајот и судијата многу добро го разбрале Али, и нивната одлука била дека не нашле докази за кривично дело, ниту пак за претпоставените 160 милиони  злоупотребени евра!

ДУИ, коалицискиот партнер на СДС и на Груевски, секогаш јавно истапувал со тврдењето дека Охридскиот договор е исполнет до милиметри, дека албанскиот јазик е службен јазик во републикава, дека Албанците се конститутивен народ, дека тој и неговата партија ја сакаат Македонија како унитарна држава.

Овие негови тврдења ги изрекоа многу пати и нејзините поддржувачи од надвор.

Праксата покажува дека секогаш кога на функционерите на ДУИ им е густо и се појавуваат шпекулации за наводно гонење за корупција и криминал, погрешно ги дезинформираат институциите на ЕУ и САД дека во Македонија се води хајка против Албанците.

Нема никакви докази дека сите Албанци во Македонија ја злоупотребуваат власта, освен поедини групи на функционери на власт.

Така, револтиран од таквата можност, Блерим Беџети неодамна изјави дека „Албанците во Македонија“ во тој случај ќе бараат „ново државно уредување“.

Командант хидроцентрали, збогатен до гуша, како што се зборува низ чаршијата, сега бара федерализација на државата и се повикува на Охридскиот договор. Тоа го нема во Охридскиот договор!

Го нема затоа што самата ДУИ во преговорите за време на Охридскиот договор се залагала за унитарна Македонија.

Зијадин Села пред да стане револуционер, со неговата Алијанса истапи во прилог на федерализацијата, но откако Заев му даде неколку парчиња битолски локум и откако стана партизан на Али во Фронтот за Европа, ја прифати заложбата на Али за унитарна држава.

Само за да влезе во Влада и Лога да го именува министер.

Потоа Лога не успеа затоа што беше победен од Дескоска и нивниот (на Фронтот) Уставен суд!

Мухамед Халили

КОЛУМНИ

Александра Сабрас Апостолова

Кога сè станува итно: притисокот врз родителите на деца со попреченост

Ристо Цицонков

Климатските промени на меѓународен суд

Даниела Митреска

Важноста на семејството во развојот на детето и современите развојни предизвици

Маалска енциклопедија

Билјана Ванковска

Кога совеста ќе заспие: Дали ја забораваме Газа? Му има ли...

Џефри Д. Сакс

Отворено писмо до канцеларот Фридрих Мерц

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ