понеделник, 8 јуни 2026

Македонската музичка традиција на Фестивалот „Солеј“ во Созопол

Во рамките на завршната вечер на Македонската вечер, одржана како дел од програмата на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“ во Созопол, публиката имаше можност да доживее вистинска музичка и културна свеченост преку настапот на реномираната македонска група „Баклава“. Настанот претставуваше уште една значајна можност за промоција на македонската култура, традиција и уметност пред меѓународна публика, која со големо внимание и интерес ги проследи сите содржини на вечерта, се вели во соопштението од Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Софија, Бугарија. Претходно, во рамките на 15-от Меѓународен франкофонски фестивал „Солеј“ во Созопол, беше отворена и изложбата „Животот е убав“ на еден од најзначајните современи македонски ликовни уметници, академскиот сликар Сергеј Андреевски.

Објавено на

часот

Сподели

Пред настапот на ансамблот, пред присутните гости, претставници на културни институции, уметници, учесници на фестивалот и бројната публика, се обратил директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски. Во своето обраќање, тој ја истакнал важноста на културната дипломатија како мост на поврзување меѓу народите, нагласувајќи дека токму културата и уметноста претставуваат најсилен и најискрен јазик на меѓусебно разбирање, почитување и соработка.

Како што информираа од македонскиот КИЦ, Софија, Пејковски зборувал за богатото македонско културно наследство, кое со векови се градело и развивало како дел од европската и светската цивилизациска ризница. Тој посочил дека македонската музичка традиција претставува еден од највредните сегменти на националниот идентитет, носејќи во себе длабока духовност, автентичност и универзални човечки пораки. Во таа насока, тој ја претставил групата „Баклава“ како еден од најуспешните и најпрепознатливите музички состави од Македонија, кој со својата уметничка визија и креативност успешно ги спојува традиционалните музички мотиви со современите музички изрази.

Осврнувајќи се на нивното долгогодишно творештво, Пејковски истакнал дека „Баклава“ претставува вистински културен амбасадор на Македонија, ансамбл кој низ бројни настапи на престижни меѓународни фестивали и културни манифестации ја афирмира македонската музичка традиција и ја доближува до публиката ширум светот. Според него, нивната музика е доказ дека културното наследство не е само спомен од минатото, туку жива и динамична вредност која постојано се обновува и добива нови значења.

Во своето обраќање, тој нагласил дека Македонија е земја на богата култура, длабоки духовни вредности и космополитски дух, земја која преку своите уметници и културни дејци успешно комуницира со светот и придонесува кон збогатување на меѓународниот културен дијалог. Притоа, ја потенцирал улогата на културните институции во создавањето нови можности за соработка и презентација на македонските уметнички достигнувања надвор од границите на државата.

По неговото обраќање следувал настапот на „Баклава“, кој бил пречекан со голем интерес и искрени аплаузи од присутната публика.

„Со својата препознатлива сценска енергија, виртуозни интерпретации и автентичен музички израз, тие создадоа атмосфера исполнета со емоции, убавина и културна длабочина. Нивните изведби претставуваа патување низ богатата македонска музичка традиција, но и потврда за нејзината современа релевантност и универзална привлечност“, велат од македонскиот КИЦ, Софија.

Настапот на „Баклава“ и обраќањето на проф. д-р Зоран Пејковски оставиле силен впечаток кај присутните, потврдувајќи ја важноста на културните настани како простор за зближување на народите, размена на идеи и афирмација на вистинските вредности.

„Македонската вечер во Созопол уште еднаш покажа дека културата е најдобриот амбасадор на една земја, а македонската традиција и уметност достојно го заземаат своето место на меѓународната културна сцена“, потенцираат од македонскиот КИЦ, Софија.

Претходно, во рамките на 15-от Меѓународен франкофонски фестивал „Солеј“ во Созопол, беше отворена и изложбата „Животот е убав“ на еден од најзначајните современи македонски ликовни уметници, академскиот сликар Сергеј Андреевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ