Според Фајненшл тајмс, ОпенАИ сака да го претвори ЧетГПТ во еден вид „супер апликација“ што ќе ги обедини алатките за програмирање, генерирање слики, партнерски апликации и агентите на вештачката интелигенција способни да извршуваат специфични задачи за корисниците.
„Четот е мртов“, рече еден високо рангиран вработен во ОпенАИ, опишувајќи ја новата насока на компанијата.
Раководството на ОпенАИ сè повеќе го гледа ЧетГПТ како врата кон понапредни и поскапи производи, особено за деловните корисници. Повеќето корисници сè уште го користат ЧетГПТ бесплатно, додека алатки како Кодекс, програмски производ на ОпенАИ, треба да донесат повеќе приходи.
Новиот фокус на компанијата не е на чет-ботови кои само одговараат на прашања, туку на агенти со вештачка интелигенција кои можат да резервираат патувања, да организираат календари, да помагаат во работата, да пишуваат код и да извршуваат низа задачи во име на корисниците.
Тибо Сотијау, кој го води одделот за основни производи и платформи на ОпенАИ, изјави за Фајненшл тајмс дека компанијата гради систем каде што секој ќе има „личен агент“ достапен преку телефон, компјутер, веб, па дури и во автомобил.
ОпенАИ сè повеќе се свртува кон деловните корисници, сегмент во кој неговиот главен конкурент Анропик веќе бележи силен раст. Во моментов, околу два милиони компании ги користат производите на ОпенАИ и генерираат приближно 40 проценти од вкупните приходи, а се очекува овој удел да се зголеми на 50 проценти до крајот на годината.
Во рамките на пресвртот кон попрофитабилни производи, некои проекти за поширока потрошувачка публика се оставени настрана. Целта на ОпенАИ е корисниците со текот на времето да комуницираат со еден централен асистент за вештачка интелигенција, наместо да користат голем број одделни апликации.
Со други зборови, ОпенАИ сака ЧетГПТ да престане да биде само место за допишување и да стане алатка што навистина ја врши работата за корисникот.






