понеделник, 8 јуни 2026

„Лајка“: Решението за бездомните кучиња е во одговорноста и системскиот пристап

Проблемот со бездомните кучиња бара системски пристап, координација меѓу институциите и поголема јавна свест, беше една од главните пораки што произлегоа од „Лајка фест“, тридневна иницијатива на ЈП „Лајка“ – Скопје, која обедини експерти, институции, организации и граѓани во обид да се отвори поширока дебата за решавање на овој долгогодишен предизвик.

Објавено на

часот

Сподели

Во изминатите три дена ЈП „Лајка“ го реализираше „Лајка фест – повеќе од настан“, со цел на едно место да ги обедини институциите, стручната јавност, организациите и граѓаните околу темата за бездомните кучиња и потребата од хумани и долгорочни решенија.

Фестивалот започна со панел-дискусија во Собранието на Град Скопје, на која учествуваа претставници од Факултетот за ветеринарна медицина, Агенцијата за храна и ветеринарство, ЗЕЛС, невладини организации, прифатилишта од државата, како и гости и експерти од Загреб, Сараево и Шпанија.

Како што информираат од претпријатието, на дискусијата биле отворени прашања поврзани со одговорноста на институциите, потребата од координирано дејствување, улогата на локалната самоуправа, значењето на стерилизацијата и одговорното сопствеништво, како и важноста на едукацијата и подигнувањето на јавната свест.

„Посебен акцент беше ставен и на фактот дека проблемот со бездомните кучиња не почнува на улица, туку најчесто со неодговорно сопствеништво, напуштање и неконтролирано размножување“, наведуваат од ЈП „Лајка“.

Во следните два дена активностите продолжиле во Градскиот парк, каде што бил организиран забавно-едукативен дел посветен на дружење, едукација, удомување и позитивна интеракција меѓу граѓаните и животните.

Според организаторите, на фестивалот учествувале повеќе од 50 пријавени натпреварувачи и учесници во активностите, голем број посетители, повеќе од 20 спонзори и партнери, како и претставници на невладини организации кои ја поддржале иницијативата.

Посетителите имале можност да ги запознаат кучињата од ЈП „Лајка“, да разговараат со вработените, ветеринарите и дресерите, како и да учествуваат во едукативни и интерактивни содржини за деца и возрасни.

Од претпријатието посочуваат дека особено значајно било присуството на голем број семејства, деца и сопственици на миленици, што, според нив, покажува дека расте интересот на граѓаните активно да придонесуваат за похумано и поодговорно општество.

„Лајка фест“ не беше само настан за љубителите на животни, туку и обид да се покаже дека преку соработка, едукација и современ пристап може да се отвори поинаков разговор за проблемот со бездомните кучиња – разговор во кој решенијата се бараат преку одговорност, систем и долгорочни промени“, велат од ЈП „Лајка“.

Оттаму упатија благодарност до институциите, организациите, експертите, спонзорите, волонтерите и граѓаните кои биле дел од фестивалот и придонеле за испраќање порака дека промените се можни кога постои заедничка волја за подобро и похумано општество.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ