понеделник, 8 јуни 2026

СДСМ со нова политичка етапа и платформа „Твоја држава, твоја шанса“, најави Кузеска

Со „Скопската иницијатива“ и платформата „Твоја држава, твоја шанса“ СДСМ започнува нова етапа на политичко дејствување, заснована на вредностите на социјалдемократијата, подобар животен стандард, борба против корупцијата и европска иднина за Македонија, изјави Богданка Кузеска, портпаролка и членка на Извршниот одбор на партијата.

Објавено на

часот

Сподели

Програмската платформа „Твоја држава, твоја шанса“ е јавно објавена во својата конечна форма и ја претставува визијата на СДСМ за модерна, праведна и европска држава, во која институциите работат во интерес на граѓаните, трудот се вреднува, а младите имаат услови да останат и да ја градат својата иднина дома.

Во услови на континуиран одлив на млади луѓе, платформата, како што се наведува, нуди конкретни политики за нивна поддршка, вклучувајќи достоинствено вработување, повисоки плати, пристапно домување, квалитетно образование, современи студентски стандарди и еднакви можности за развој без партиски влијанија.

Од СДСМ оценуваат дека клучниот проблем за младите не е само економската несигурност, туку и чувството на неправедност во системот. Поради тоа, централно место во платформата има борбата против корупцијата и воспоставување институции кои функционираат независно од политичко влијание.

Во таа насока се најавуваат нов антикорупциски закон, темелен ветинг на сите избрани и именувани функционери, проверка на потеклото на имотот, нови институционални механизми за борба против корупцијата, дигитализација на услугите и мерки за спречување на партизацијата и злоупотребите.

Економскиот дел од платформата предвидува повисоки плати и пензии, заштита на работничките права, фер оданочување, поддршка на домашното производство, како и унапредување на социјалната заштита, образованието и земјоделството.

Преку „Скопската иницијатива“, СДСМ, како што посочуваат, ја потврдува својата улога како дел од пошироко прогресивно движење во Европа и регионот, кое се спротивставува на корупцијата, авторитарните тенденции и антиевропските политики.

„Европа не е апстрактна политичка цел, туку подобар живот дома, повисоки плати, владеење на правото и повеќе шанси за секој човек“, порача Кузеска.

Таа додаде дека Македонија не смее да остане заглавена во национализам, популизам и политички манипулации кои ја оддалечуваат од европската перспектива.

Наместо поделби, СДСМ нуди, како што велат, визија за обединување околу државните интереси, економски развој и европски вредности преку поширок „Фронт за вистина и правда“.

Овој фронт, според партијата, не претставува партиски проект, туку надпартиско општествено движење отворено за граѓани, организации, интелектуалци, професионалци, синдикати и други општествени чинители.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ