Заев најави дека, како што рече, идниот премиер Димитар Ковачевски, целосно се согласува со оваа иницијатива и ќе продолжи со работата.
„Од првата средба во Скопје во јули и првото потпишување на договорите, покажавме дека силната политичка волја може да се трансформира во брзо функционирање на нашите институции, што несомнено го покажува нашиот капацитет како земји за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи. Токму овој капацитет ќе го покажеме пред европските институции на патот на нашите евроинтеграции“, рече Заев во воведеното обраќање.
На состанокот во Тирана ќе бидат потпишани повеќе мултилатерални и билатерални договори во насока на реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот, како дел од зацртаните придобивки за поголема регионална соработка и унапредување на поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан.
На Самитот во Тирана учествуваат и комесарот за проширување и соседски политики на ЕУ Оливер Вархеји, генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мејлинда Брегу, претставници на стопанските коморите на Албанија, Македонија и Србија, како и голем број претставници на деловните заедници од трите земји и регионот.
Во Тирана денеска ќе бидат потпишани Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, Договорот меѓу владите на Република Албанија, Република Србија и Република Северна Македонија за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.
На овој Самит на „Отворен Балкан“ ќе се потпишат и билатералните договори за признавање на одобренијата за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност меѓу Македонија и Албанија и меѓу Албанија и Србија.
Во делегацијата на состанокот во Тирана се и заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.






