Како што информираат од МВР, Исени во своето обраќање истакнал дека соработката со IOM веќе дава конкретни резултати преку реализација на значајни национални и регионални проекти насочени кон модернизација на системите за регистрација и идентификација на мигранти, јакнење на граничното управување, борба против организираниот криминал и унапредување на механизмите за заштита на ранливите категории мигранти.
„Соработката со ИОМ претставува еден од клучните столбови во нашата стратегија за управување со миграцијата. Заеднички работиме на модернизација на системите, зајакнување на институционалните капацитети и имплементација на решенија усогласени со европските и меѓународните стандарди, со цел Северна Македонија да остане одговорен и доверлив партнер во регионалното миграциско управување“, потенцирал Исени.
Тој посочил дека преку ИПА проектите и заедничките регионални иницијативи се обезбедува значителна поддршка за подобрување на системите за азил, доброволно враќање, регистрација и управување со мешаните миграциски текови, како и за развој на современи механизми за заштита на мигрантите и бегалците.
Во обраќањето ја нагласил и потребата од уште поголема координација помеѓу државите, меѓународните организации и донаторите, со цел поефикасно искористување на ресурсите, избегнување на преклопувања и обезбедување навремена и одржлива поддршка за институциите.

Исени потенцираше дека Министерството за внатрешни работи останува посветено на понатамошно унапредување на миграциското управување преку развој на нови технолошки решенија, подобрување на интероперабилноста на податоците, зајакнување на граничната безбедност и продлабочување на регионалната и меѓународната соработка.
Глобалниот форум за ревизија на Глобалниот компакт за миграција претставува главна меѓувладина глобална платформа на Обединетите нации за размена на искуства, политики и напредок во имплементацијата на принципите за безбедна, уредна и регуларна миграција, во согласност со Целите за одржлив развој до 2030 година.






