четврток, 7 мај 2026

„Со нетрпение се очекуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана што е можно поскоро оваа година“

Објавено на

часот

Сподели

Во воведниот дел стои временската одредница за отворање на првата меѓувладина конференција оваа година, а потоа Советот на ЕУ повикува на почитување на билатералните договори со Грција и Бугарија во духот на доверба.

Конкретно за Македонија, Советот го поздравува реформскиот напредок на земјата кој овозможи зелено светло за преговори во март 2020. Се поздравува одржувањето на локалните избори, но се забележуваат и пропустите во законската рамка и се бара сеопфатна ревизија на изборното законодавство навремено и на инклузивен начин.

Македонија е поздравена за напредокот во владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал и се повикува на здружена работа во оваа област помеѓу власта и опозицијата.

„Советот ги охрабрува сите страни да продолжат да го продлабочуваат реформскиот момент и да го подобруваат конструктивниот дијалог“, стои во заклучоците.

Во делот на судството се забележува дека е потребно сега да се реализираат постојните законски рамки и стратегии согласно стандардите на ЕУ за да се обезбеди непристрасноста и професионалното работење на судскиот систем. Освен тоа, како што стои, „потребно е Северна Македонија системски да ги имплементира акциските планови и стратегиите за човечки ресурси за обвинителството и судството“.

„Советот ја истакнува важноста за засегнатите институции да ги следат препораките на Државната комисија за спречување на корупција која беше посебно проактивна во спречувањето на корупцијата“, се вели во нацрт заклучоците на министрите на ЕУ.

Исто така, ЕУ ја повикува Македонија да ја зајакне слободата на изразување и безбедноста на новинарите.

Напредок се нотира и во реформата на јавната администрација иако се потребни дополнителни напори. Се поздравува реформата на безбедносните и разузнавачките служби согласно барањата на НАТО, но се истакнува и дека парламентарниот надзор треба да биде засилен.

Како добра вест е нотиран и пописот и ЕУ ги очекува резултатите во наредните месеци.

Конечно во делот на Македонија се повторува важноста од добрососедски односи и имплементирање на договорите со Грција и Бугарија.

Од формален аспект овие нацрт заклучоци го користат долгото име Република Северна Македонија во целиот текст, додека за другите земји од регионот се користи краткото име. Ова е едно од барањата на Бугарија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ