Главен е партискиот договор, со законите е лесно. Е тоа е партократија, систем на управување со државата во која политичките партии ја злоупотребуваат својата положба и ги користат јавните ресурси во сопствени цели.
Влегувањето на Алтернатива во владината коалиција меѓу СДСМ и ДУИ беше пропратена со неколку средби Заев-Гаши, на кои, нормално беше да се очекува дека се разговара за партиските програми, за новите владини проекти, за стратешките прашања… Така и беше информирана јавноста, за на крај сите овие преговори да завршат со конференција за медиуми на која беа соопштени најмалку дваесетина функции и имиња за кои племенските, односно партиските лидери, се договориле.
Па така договорени беа новите директори на МЕПСО и АД „Железници на Македонија – Транспорт“. Еве што за изборот на овие функции пишува во Законот за трговски друштва, член 344: „…Членовите на одборот на директори и членовите на надзорниот одбор ги избира собранието со мнозинство гласови од акциите со право на глас од кворумот определен за работа на собранието со овој закон, освен ако со статутот не е определено повисоко мнозинство, на начин и според условите определени во статутот“.
Заев и Гаши го договорија и новиот директор на Клиничката болница во Тетово. Еве што пишува во Законот за здравствена заштита (член 107) за изборот на ваков директор:
„Директор на јавна здравствена установа се именува врз основа на јавен конкурс распишан од управниот одбор на јавната здравствена установа. (2) Директорот на јавна здравствена установа го именува, односно разрешува министерот за здравство. (3) Министерот за здравство за именувањето, односно разрешувањето на директорот на јавната здравствена установа може да побара мислење од Здравствениот совет. (4) Мандатот на директорот трае четири години“.
На конференцијата за медиуми на Алтернатива јавноста дозна и тоа дека Заев и Гаши го договориле и новиот директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Еве што за изборот на оваа функција пишува во член 159 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување: „Фондот има директор и заменик директор кои ги именува Управниот одбор по пат на јавен конкурс. (2) Конкурсот од ставот (1) на овој член се објавува во три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Македонија, од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик. (3) Во конкурсот се определува времетраењето на конкурсот кое не може да биде пократко од 15 дена. (4) Согласност на одлуката за именување директор, односно заменик на Фондот дава Владата на Република Македонија…“.
Професионализација на администрацијата, интегритет, докажани вештини, образование, професионалци во својата област… остануваат само празни зборови во поделбата на пленот меѓу партиските лидери кои се едногласни кога станува збор за евроинтеграцијата, принципите, стандардите, правната држава…
А.Д.






