петок, 8 мај 2026

Мора да има еднаквост пред законот и неселективна правда, порача Пендаровски

Објавено на

часот

Сподели

„Многу истражувања потврдуваат дека емиграцијата на нашите сограѓани, во голема мерка, не е предизвикана само од егзистенцијални причини, туку и од квалитетот на живото. Со други зборови, луѓето заминуваат во оние држави каде што има правда, таму каде што и најбогатите и најмоќните одговараат за кршењето на законите, исто како и луѓето кои се истуркани на периферијата на животот.

Според него, реформите во сферата на владеењето на правото се далеку најважниот приоритет за државата и според негова проценка тоа ќе бидат и треба да бидат и во годините што се пред нас, сосема независно од нашето темпо на приближување кон Брисел. Пендаровски уште додаде дека и покрај одредениот напредок, констатиран во последниот Извештај на Европската комисија, останува нашата стара обврска која неретко не ја почитуваме, реформите да ги имплементираме во пракса до крај.

Еднаквоста пред законот, односно, неселективноста на правдата, според него, е најважен аспект во изградбата на функционална правна држава.

„Со законите што ги носиме не смееме да ги привилегираме оние кои не го почитуваат поредокот, наспроти оние кои го почитуваат. Посебно разочарува тоа што, за жал, сите релевантни истражувања на јавното мислење го докажуваат растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владее културата на неказнивост. Единствениот начин да ја вратиме довербата во институциите е да имаме правна завршница во секој случај каде што постои сомневање за сторени кривични дела“, посочи Пендаровски.

Во тој контекст кажа и дека тешката автобуска несреќа во Бугарија во која загинаа 45 наши граѓани е само последниот во низата вакви случаи.

„Доколку овој, како и некои претходни случаи не добијат судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте. Општество со такви тенденции е плодна почва за појавата на авторитарни и популистички лидери кои наместо квалитетен процес ветуваат ‘брза и ефикасна‘ правда“, рече Пендаровски.

Според него, исто така, исклучително важна е департизацијата на институциите во сферата на одбраната и безбедноста. Политиката, нагласува, мора да ја држиме што подалеку од армиските редови и од службите.

„Вработените во овие институции, се разбира, како и секој граѓанин, имаат право на свое лично политичко убедување, но, кога во нивното работење се соочуваат со дилемата: партијата или државата, тие мораат да ѝ служат единствено на државата, независно од политичката гарнитура на власт. Припадниците на безбедносните служби кои сакаат да се бават и со нивната професионална работа и со политика, ќе мораат да се определат или за едното или за другото“, рече Пендаровски.

Тој се осврна и на состојбата во регионот притоа нагласувајќи дека поради децениското заостанување во приближувањето кон Европа, екстра регионални играчи го пополнуваат стратешкиот вакуум со вредности, кои, како што рече, не се компатибилни со евроатлантските. Од овие причини, нагласи, паѓа и поддршката на граѓаните за евроинтеграциите.

„Иако се јасни мотивите за таквата промена на расположението, имено, ниту еден европски народ не бил изложен на такви ирационални барања како македонскиот во своите обиди за меѓународна афирмација, треба да знаеме дека влегуваме во година во која, не само ние, туку, сите држави на западниот Балкан повторно ќе бидеме соочени со старите дилеми“, рече тој.

Пендаровски кажа и дека откако потрошивме два месеци на локалните избори, а уште повеќе време во партиски комбинаторики и калкулации за ново парламентарно мнозинство, тој очекува новата влада што поскоро да се позанимава со реалните проблеми на граѓаните кои се намножија оваа година, од пандемијата и економијата сè до енергетската криза која допрва ќе се продлабочува.

Говорејќи за состојбите во регионот, рече, споредено со претходните децении, на Балканот се забележува релативен економски прогрес, меѓутоа и значајно демократско назадување, што, според него, само го забрзува иселувањето на луѓето и ја зголемува нивната апатија.

„Во повеќето земји, автократските и популистички водачи добиваат сѐ поголема поддршка од граѓаните, додека во исто време поддршката за европските интеграции е во надолна линија“, додаде Пендаровски.

На крајот од обраќањето тој го прокоментира и повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого, како што рече, во изминативе десет години „заедно биевме битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права”.

„Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата“ истакна Пендаровски.

Сакале или не, како што кажа, политиката е дел од нашите животи, но, никогаш не смее да стане целиот наш живот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ