„Очекуваме брзо свикување на меѓувладините конференции со Република Северна Македонија и со Албанија и сметаме на вашата поддршка за оваа заедничка цел“, му порачал Мицотакис на Петков.
Грчкиот премиер, како што пренесуваат бугарските медиуми, додал дека притоа треба да се почитуваат критериумите за членство, вклучувајќи го и добрососедството.
Претходно бугарскиот претседател Румен Радев соопшти дека во првата половина на јануари ќе го свика Консултативниот совет за национална безбедност за темата „Република Северна Македонија“.
„Важно е да имаме став на ова политичко тело, за кој и партиите ќе имаат јасна позиција за тоа што треба да се направи за да се забрза процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ, но имајќи го предвид и почитувајќи го бугарскиот национален интерес“, изјави Радев по свеченоста на која Централната изборна комисија им ги врачи уверенијата нему и на Илијана Јотова, како на претседател и потпретседателка на Бугарија.

Тој додаде дека Консултативниот совет ќе го свика во првата половина на јануари.
„Многу е важно да се разбере дека одбраната на правата на македонските Бугари, создавањето услови за нивно целосно вклучување во општествениот, политичкиот, културниот и економскиот живот на земјата е исклучително важно прашање кое повеќепати сум го кажал – прекин на говорот на омраза, создавање на сите тие предуслови за поголема поврзаност меѓу нашите земји – и културно, и инфраструктурно и економски – сето тоа се прашања за кои Бугарија мора да има јасен став и мора да биде јасно како побрзо ќе ги постигнеме овие цели“, изјави Радев.






