четврток, 7 мај 2026

Mицкоски: Да биде премиер Африм Гаши, наместо Димитар Ковечевски

Објавено на

часот

Сподели

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ДУИ, односно „соработникот на Ахмети“,  во јавноста ја наметна темата дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа технички премиер Албанец, на тој начин, како што истакна, обидувајќи се да ја обвини ВМРО-ДПМНЕ.

„И ние тогаш рековме дека не сакаме таа тема да се третира како етничко прашање и нагласивме дека немаме проблем, доколку одредена личност поседува квалитети и е подготвен да работи за добро на сите граѓани, дека можеме во парламентот да ја предложиме таа личнот – Албанец, бидејќи сме најголема партија, но и порачавме дека очекуваме таквиот наш предлог да го поддржи ДУИ“, рече Мицкоски.

На тоа, како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ; реакцијата од ДУИ беше дека ако ВМРО-ДПМНЕ победи на избори и  ако предложи Албанец за премиер дека тој предлог ќе го гласаат.

„Но, да им ја скратиме маката, доколку ДУИ не сака да излеземе на брзи избори, а бидејќи претседателот Пендаровски бара 61 потпис од пратеници, во Собранието да застанеме со 61 потпис зад името на Африм Гаши, и лидерот на Алтернатива да биде идниот мандатар, наместо Димитар Ковачевски“, рече Мицкоски.

Тој очекува во таков случај ДУИ да се согласи.

„Очекувам и Али Ахмети и ДУИ, како и албанскиот опозициски блок да го поддржат ваквиот предлог, а доколку не обезбедат доволно потписи во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ им стои на располагање со својот пратенички потенцијал да помине предлогот Африм Гаши да биде новиот мандатар, наместо Димитар Ковачевски, и да му овозможиме на Гаши да може да ги реализира и заложбите кои беа причината за одлуката на Алтернатива за влез во Владата, меѓу другото и да ги решава и енергетската и политичката криза“, рече Мицкоски.

Тој демантира дека на вчерашната средба со Али Ахмети станало збор за ова прашање туку, рече, се разговарало за проблемот со Бугарија,, како и за можноста за предвремени парламентарни избори. При тоа додаде дека е добро и за Ковачевски да има избори бидејќи, како што рече, засега нема легитимитет добиен преку избори, туку е само функционер. 

Доколку владејачките партии останат на ставот да нема избори, Мицкоски на новинарско прашање потврди дека е можно да се организираат и протести со учество и на незадоволни граѓани, односно, како што нагласи, сите опции се отворени со употреба на демократски средства.

Опозициската партија Алијанса за Албанците, доскорешен коалициски партнер на Алтернатива, не чекаше долго за да одговори на идејата за Африм Гаши да биде идниот премиер Албанец, наместо Димитар Ковачевски. 

„Претпоставувам дека Мицкоски кај Гаши гледа капацитети за справување со сите кризи во Македонија и за решавање на евроинтеграцискиот процес. Го поддржуваме тој предлог, зошто да не“, изјави Елми Азири, пратеник на Алијанса за Албанците.

Азири на прес-конференцијата во Собранието повика на формирање експертска влада, а потоа што побрзо да се оди на предвремени парламентарни избори поради лошо менаџирање на севкупната криза во државата.

„Ги повикуваме пратениците кои уште размислуваат за приклучување на овој брод што тоне да размислат добро. Нема друг избор освен рушење на режимот и предвремени парламентарни избори”, рече Азири.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ