петок, 8 мај 2026

Ковачевски ветува дека до средината на јануари ќе биде избрана новата влада

Објавено на

часот

Сподели

Од четвртокот, кога Собранието ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, почна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова влада. Откако во СДСМ беше потврден новиот мандатар, добивањето манда за формирање на нова влада би требало да се случи деновиве. Ковачевски вети дека новата влада ќе биде избрана до средината на следниот месец, најдоцна до 18 јануари.

Откако мандатарот ќе го добие мандатот за формирање нова Влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада.

За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.

„Првата задача која ја има новото раководство е да состави нова влада и силно да се посветиме на спроведување на владината програмата и политиките. Јас сум оптимист дека новата влада предводена од СДСМ ќе ја избереме на средината од следниот месец, до 18 јануари. Пред новата влада стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија“, изјави Ковачевски на вчерашната прес-конференција.

Според него, само со стабилна влада можат да се надминат овие предизвици. Во моментов се работи на програмата што, како што изјави Ковачевски ги содржи најдобрите проекти и предлози на СДСМ и коалициските партнери.

„Веднаш потоа треба се посветиме и на ефикасна реализација, бидејќи што поефикасно работиме и го почитуваме заемниот договор, постабилна ќе биде владата. Новата влада ќе стави силен фокус на економијата, но ефикасна реализација на програмата и капиталните инвестиции. Насочени сме кон остварување двојно повисоки стапки на економскиот раст и покачувањето на платите. Трудот на работникот мора да се цени и вреднува“, додаде претседателот на СДСМ.

На 23 декември, Собранието ја констатираше оставката од премиерската функција на Зоран Заев. Тој ја презема премиерската функција на 31 мај 2017 година, а вториот мандат го освои на 15 јули минатата година. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ